[ВИДЕО] Шеф Никола искрено за навредите за изгледот: „Ако си дебел, си свиња, си се видел на што личиш - ако си слаб, види се сучка, на ништо не личиш... нација само за критика“

Точка

16/12/2025

23:25

1.593

Големина на фонт

а а а

Еден од најпознатите македонски готвачи, Никола Мишевски, познат како шеф Никола од кулинарската емисија „Брза кујна“, пред неколку месеци доживеа неверојатна физичка трансформација.

Како што напиша тој во една објава на социјалните мрежи, почнал редовно да вежба и здраво да се храни пред сè поради здравјето бидејќи се бореше со вишок килограми.

Со помош на блиски пријатели, кои од првиот момент го поддржувале и охрабрувале да не се откаже, денес шеф Никола изгледа како сосема нов човек. Тој редовно посетува теретана и е горд на постигнатото – не само што ја достигнал посакуваната тежина, туку успеал и да ги задржи здравите навики кои ги стекнал за време на процесот на слабеење.


Сепак, и новиот физички изглед (како и стариот) е предмет на бројни критики, а шеф Никола признава дека редовно добива непријатни и понекогаш навредливи пораки. Како одговор на тоа, тој сними видео со пораката:

„Стануваме побрзи на осуда отколку на поддршка. А зборовите зборуваат повеќе за нас, отколку за другите“.

Во видеото, кое првично не бил сигурен дали да го објави, но сепак одлучил да го сподели јавно со цел да испрати порака, шеф Никола вели:

„Долго време некако се мислам дали да ја отворам темата или не, ама некако ми стои некој камен на срцево што морам да кажам, заради тоа што сум разочаран од тоа какви луѓе сме ние Македонците.


Толку сме чудни како народ, толку сме... Не знам кој збор да го искористам да не се осети некој навреден, но катастрофа едноставно.

Ако си дебел: си дебел, си свиња, си ваков, си таков, си се видел ли во огледало каков си, на што личиш. Ако си слаб: види се каков си сучка, на ништо не личиш, поубав беше дебел кога беше.

Значи, едноставно од луѓево сум страшно многу разочаран. Од едно илјадници коментари коишто сум ги добил, дали 10% од тие биле позитивни и некој да ти каже браво за успехот што си го направил, браво за целта којашто си ја постигнал, заради тоа што, едноставно, се осеќаш здраво.

Чудно е тоа што ние не си даваме поддршка една на други. Чудно е тоа што, некако сме нација којашто гледаме само да критикуваме, да фаќаме сеир, а сите сакаме да бидеме како некој и да ја постигнеме целта, но никој нема храброст да го каже тоа во очи или на порака.

Нација за тастатура, нација само за критика, нација само за тит-тит јадење. Зошто сме такви и до што нè донесе ова дереџе не знам, навистина, но треба да се запрашаме, да си ја чукнеме малку главата.


Зошто секогаш за трачарењето има повеќе коментари и повеќе лајкови, а кога некој ќе направи некаков си успех, никој на никого не му дава поддршка? Чудна работа, но вистинита и реална.

Се надевам дека со ова видео ќе допрам до некого. Јас сум многу здрав, се осеќам многу здраво, така да сум многу среќен што дојдов до целта, од 116 дојдов до 80 и нешто ситно, симнав некаде 37-38 килограми за неполни 6-7 месеци.

Не сум болен за тие што ме прават болен. Сум бил многу поубав, кога сум бил дебел. Океј, можеби да, сега како симнав килажа ми се појавија и подочњаци и сè, тоа е многу нормално.

Но, поубаво да бидам здрав, него да ги немам подочањците, а и да, сè ќе си дојде на свое место. Давајте поддршка на успешните луѓе, давајте поддршка и застанете, прашајте и бидете дел од успехот.


Ве сакам сите, без разлика на критиките, и фала многу на сите тие што ми дадоа поддршка, и што ми даваат сè уште поддршка за многу работи.

Сите тие што критикуваат, знам дека сакате да бидете како Никола, да дојдете до целта, а јас секогаш ќе бидам отворен и расположен за сите вас и ќе ви помогнам без разлика дали ме критикувате или ме поддржувате.

Ве сакам сите!“, вели тој на видеото објавено на Инстаграм.