Вардар го награди најголемото изненадување во тимот на Чупиќ со нов договор

Дерби

17/12/2025

13:29

157

Големина на фонт

а а а

Вардар го доведе Џуниор Тузолана како краткорочно решение на позицијата лево крило, но откако играчот покажа завидни перформанси во првите неколку месеци под водство на тренерот Иван Чупиќ, клубот реши да го награди со нов договор.

Лидерот на табелата во текот на вчерашниот ден информираше дека големо зимско засилување ќе биде Жоао Педро да Силва, а ова утро ја извести јавноста дека му е продолжен договорот на Тузолана.

– РК Вардар ја продолжи соработката со Џуниор Тузолана, кој останува во црвено-црниот дрес до крајот на натпреварувачката сезона 2026/2027. Тузолана пристигна во клубот во септември како краткорочно засилување на позицијата лево крило, но со својот настап, ангажман и енергија брзо се наметна како играч што дава стабилност и сигурност на тимот, поради што управата без двоумење ја активираше опцијата за продолжување на договорот.

– Тузолана веднаш се вклопи во системот и покажа дека е подготвен да одговори на темпото и барањата на клубот. Неговото искуство од француската лига, брзината во транзиција и сигурната реализација донесоа важна димензија во нападот, а истовремено создадоа дополнителна конкурентност во ростерот.

– Од неговото пристигнување, Вардар продолжи со силното темпо во домашното првенство и со серијата позитивни резултати во Европа. Придонесот на Тузолана, иако во динамичен период на ротации и адаптација, беше препознаен и ценет, што ja потврдува и одлуката за продолжување на договорот. Продолжувањето на соработката е силна порака дека Вардар размислува долгорочно и дека квалитетот и карактерот секогаш ќе бидат основа во изборот на играчи што го носат црвено-црниот дрес, – гласи соопштението на вардарци.