Еден од најголемите боксери на својата генерација, непоразениот светски шампион, Теренс Крафорд, го објави крајот на својата импресивната кариера.
Одлуката доаѓа само три месеци по победата над Канело Алварез со која ги обедини титулите во супер-средна категорија.

Овој 38-годишник од Небраска, кој во септември во Лас Вегас со доминантен настап ја совлада мексиканската легенда, својата одлука за пензионирање ја сподели со јавноста преку социјалните мрежи. „Се повлекувам од натпреварувањата, не затоа што завршив со борбите, туку затоа што победив во поинаков вид борба. Онаа во која одите под сопствени услови“, објавил Крафорд.
Крафорд (42-0, 31 нокаут) заминува во пензија како актуелен „WBA“, „IBF“ и „WBO“ шампион во супер-средна категорија. Имаше и „WBC“ појас но титулата му била одземена претходно месецов поради спор околу неплатен надоместок.
Воден од желбата да го докаже спротивното
Зборувајќи во снимката, Крафорд рекол дека неговата кариера била водена од желбата „на сите да им докаже дека не се во право“. „Секој борец знае дека овој момент ќе дојде, само никогаш не знаеме кога. Целиот живот трчав по нешто. Не по појас, пари, титули. Туку по тоа чувство - она што го добивате кога светот се сомнева во вас, но вие и понатаму се појавувате и понатаму им докажувате на сите дека не се во право“, рекол Крафорд.
„Се борам за своето семејство. Се борам за својот град. Се борам за момчето какво што бев, она кое немаше ништо освен сон и пар ракавици. И сето тоа го направив на свој начин. На овој спорт му го дадов секој здив што го имав“, додал тој.
Кариера за паметење
Крафорд дебитирал во 2008 година и брзо се етаблирал како еден од највозбудливите таленти во боксот. Својот прв светски наслов „WBO“ круната во лесна категорија, ја освоил во 2014 година со победата над Шкотланѓанецот, Рики Брнс. Вкупно освоил 18 светски наслови во пет тежински категории, а врвот го достигнал со триумфот над Алварез.

Во пензија заминува со неверојатно достигнување – никогаш службено не бил во нокдаун. Сите негови 42 победи биле постигнати со едногласни судски одлуки или со прекин, а интересно е што во текот на целата кариера на Крафорд ниту еден судија никогаш не ја бодувал борбата во корист на неговите противници.














