[ВИДЕО] Погледнете што направија Украинците од лимузината на „BMW“

Точка

18/12/2025

18:49

661

Големина на фонт

а а а

Серијата 7 на „BMW“, генерација E38, за многумина претставува најхармонично дизајнираната бизнис-лимузина на своето време. Денес, таа се претвори во опасно воено возило.

За серијата 7 на „BMW“, генерација E38, се напишани бројни пофалби. Тоа е еден од автомобилите што го одбележаа крајот на минатиот милениум, но и денес буди восхит. Спортската елеганција во својот најчист израз е поткрепена со одлична механика, предводена од супериорни мотори.

Сега, оваа „BMW“ лимузина доби сосема нова намена, а најлесно би можела да се опише како возило излезено од серијалот „Mad Max“. Но, со една клучна разлика – овој „BMW“ е опремен со далекусежно оружје. Кога потребата диктира, Украинците токму „седмицата“ ја опремиле со повеќецевен ракетен фрлач.

Смртоносната опрема е поставена на местото каде што вообичаено се наоѓа капакот на багажникот, со дополнителни потпори и зајакнувања. Остатокот од возилото не е значително изменет. Крајниот резултат е изненадувачки ефикасен – еден вид „автомобил-MLRS“ што испукува ракети и потоа исчезнува пред противникот да успее да реагира. Оваа несекојдневна адаптација доаѓа од воени единици кои, поради недостиг на опрема, биле принудени да прибегнат кон креативни решенија.

Возилото е дел од составот на 114. бригада на територијалната одбрана на Украина, а како негови главни предности се истакнуваат брзата промена на позицијата и високиот степен на камуфлажа. Станува збор за компромис во кој воениот оклоп и високата прецизност се заменети со брзина, прикривање и елемент на изненадување.

Фотографиите и видеата што кружат на социјалните мрежи повторно го прикажуваат ова необично возило во акција, откако првпат беше забележано кон крајот на 2023 година. Обоено во сиво-зелена камуфлажа, возилото добро се вклопува во околината, додека лансирните цевки при движење меѓу огнените позиции се поставени хоризонтално долж покривот.

Кога екипажот ќе одбере позиција за дејствување, од рамката на лансерот се извлекуваат стабилизациски ногарки за да се фиксира „BMW“-то, потоа со помош на рачка цевките се подигнуваат, а екипажот брзо се оддалечува пред ракетите да бидат истрелани.


Идејата за импровизирани ракетни лансери во Украина не е нова. И претходно се користеле слични платформи, при што лансирни цевки биле монтирани на пикап-возила и лесни теренци, со цел пешадијата да добие краткодометна индиректна огнена поддршка.