„Lancia“ некогаш беше едно од најимпресивните имиња во мотоспортот, а денес, наместо да лансира автомобили, прави часовници.
По години стагнација, брендот повторно покажува знаци на живот, го оживува името „HF Integrale“ и се враќа во светот на рели-трките со нешто што сака да докаже.
Сега, кога брендот повторно стана барем малку интересен – или барем нејасно ветувачки – токму овој момент го избраа за лансирање часовник во ограничено издание. Креиран во партнерство со „Eberhard & Co“, часовникот го означува враќањето на легендарното „HF“ лого на „Lancia“ и ќе биде ограничен на само 360 примероци.

Спецификација
Кога станува збор за часовници поврзани со автомобилски брендови, овој модел ги задржува работите освежувачки едноставни, што веројатно е неговата најголема предност. Сместен е во куќиште од не’рѓосувачки челик со дијаметар од 41 мм, со дебелина од само 10,45 мм (потенок од „Rolex Submariner“, за оние што споредуваат), а го придвижува автоматскиот механизам „Selita SW200-1 11½“. Резервата на енергија изнесува 38 часа.
Водоотпорноста е оценета на 50 метри, што значи дека може да издржи прскање, дожд и лесно пливање, но не е наменет за нуркање или подолго потопување. Дополнителните детали вклучуваат сафирно стакло со антирефлексивен премаз и полирани, конусни скелетни стрелки исполнети со премаз „Superluminova“ за видливост во ноќни услови.
Несомнено, врвниот детал е косиот „HF“ логотип, но црвените елементи на стрелката за секунди исто така привлекуваат внимание. Купувачите ќе можат да го изберат часовникот со син, бел или црн бројчаник со завршна обработка во „sunburst“ стил.

Цена на часовникот
На задната страна од часовникот се наоѓа логото на „Lancia“ и серискиот број. Часовникот ќе се нуди со „vintage“ кожен ремен со црвени конци или со нараквица од не’рѓосувачки челик.
За оние што не знаат, „Eberhard & Co“ постои повеќе од 135 години, што значи дека е всушност 16 години постар од „Lancia“. Новиот часовник првпат беше претставен пред неколку месеци, но продажбата започна дури сега.
Секоја варијанта на бројчаникот ќе биде ограничена на 120 примероци, а достапноста е ограничена на одбрани овластени продавачи на „Eberhard & Co“. Цената започнува од 1.980 евра, односно околу 2.320 долари според актуелниот курс.

Порано оваа година, „Lancia“ ја врати „HF“ ознаката од заборав со нова, поостра варијанта на „Ypsilon“. Овој нов модел го придвижува електромотор со живи 276 коњски сили и 345 Nm вртежен момент, доволно за забрзување до 100 km/h за 5,6 секунди.
Точно е дека овој нов модел нема ништо слично со култните модели како „Delta HF Integrale“, но барем претставува чекор во вистинската насока, пишува „Carscoops“.















