Британскиот кантавтор Ед Ширан позираше без маица за најновата насловна страница на списанието „Men’s Health UK“, каде што зборуваше за својата физичка трансформација и за губењето на 14 килограми.
Имено, Ширан го трансформирал своето тело, но и начинот на живот откако станал татко, наведувајќи дека престанал да пие алкохол по настапите.
Тој во оваа прилика изјави дека пресвртницата во неговиот живот се случила кога неговата петгодишна ќерка Лајра имала само две недели.

„Го повикав мојот најдобар пријател и испивме едно шише вино. Отидов да спијам, а Лајра се разбуди 20 минути откако заспав. Се разбудив и помислив: ‘Веројатно не би требало да пијам ако се чувствувам волку ужасно’“, рече тој.
Како што вели Ширан, кој со сопругата Чери Сиборн ги има ќерките Лајра и тригодишната Џупитер, за „Men’s Health UK“, сака да биде одговорен татко.
„Сакам да можам да ги извршувам ноќните обврски. Сето тоа се случи во исто време кога сакав да бидам одговорен татко, да се чувствувам добро и добро да изгледам“, наведе тој.

Во петте години откако ја доби Лајра, Ширан ослабел 14 килограми благодарение на пилатес, тренинзи со тегови, трчање и на тоа што по настапите, наместо да оди по пабови, веднаш се враќа во хотелската соба на вечера и масажа.
„Можам лесно да бидам тип што ќе тргне со другите и, ако завршам настап и ако ми се таму пријателите, можам да излезам. Затоа, всушност морам да бидам во мојата хотелска соба. Добивам масажа и штом ќе заврши масажата, морам да одам во кревет. Тоа е одлично за одржување на гласот, на енергијата и за зачувување на здравјето“, порача тој.

Со вежбање започнал за време на пандемијата, трчајќи на лента за трчање, а потоа тој и неговата сопруга почнале да вежбаат преку „Zoom“ со тренерката Али Томас.
Неговиот омилен тренинг за време на турнеите е на пилатес реформер. Објасни дека ден по концерт, последното нешто што сака да го прави е мртво кревање (дедлифт) и слични вежби. Пилатесот го смета за одличен избор кога сака да има исто ниво на физичка активност и чувство дека согорел калории, а истовремено и да се истегне.









