Скопје меѓу најзагадените во Европа, СДСМ обвинува за погрешни приоритети на власта

Макфакс

21/12/2025

10:50

179

Големина на фонт

а а а

СДСМ обвини дека власта нема средства за мерки против загадениот воздух, иако Скопје, како што наведуваат, е втор најзагаден град во Европа, додека истовремено се трошат милиони евра на, како што тврдат, наместени и криминални тендери.

Од опозициската партија посочуваат дека граѓаните на Скопје секојдневно се изложени на сериозни здравствени ризици поради загадениот воздух, особено децата, младите, хронично болните и повозрасните лица, но дека ова прашање не е приоритет за актуелната власт.

„Иако Скопје е меѓу најзагадените градови во Европа, власта тврди дека нема пари за мерки и политики за подобрување на квалитетот на воздухот. Пари, според нив, има само за криминални и наместени тендери“, се вели во соопштението.

СДСМ се повикува и на наводи изнесени од Антикорупциската комисија (АКТ), според кои преку корупциски систем милиони евра од јавните средства завршувале кај фирми блиски до власта. Како пример, се наведува дека една фирма добила 161 тендер, додека друга, со само двајца вработени, инкасирала девет милиони евра за една година.

Според СДСМ, ваквите практики покажуваат дека приоритет на власта на ВМРО-ДПМНЕ не е здравјето на граѓаните, туку коруптивни зделки.

„Корупцијата навлегува во секој сегмент на општеството, а последиците се сериозни и директно влијаат врз здравјето на граѓаните“, наведуваат од партијата, додавајќи дека е неопходно да се стави крај на, како што велат, криминалот и грабежот и јавните пари да се насочат кон реалните потреби на граѓаните.