Почина Драган Б. Костиќ: Еден од најпрепознатливите гласови во историјата на Македонското радио замина во легендите

Точка

20/12/2025

13:28

4.490

Големина на фонт

а а а

Утрово, на 75-годишна возраст почина Драган Б. Костиќ, познат македонски музички новинар, радиоводител и еден од најпрепознатливите гласови во историјата на Македонското радио.

Тажната вест за смртта на Драган ја соопшти неговиот син Бане кој на социјалните мрежи напиша:

„Со длабока тага ги известуваме роднините, пријателите и познаниците дека утринава почина Драган Костиќ – сопруг, татко и дедо. Поменот ќе се одржи утре, недела, 21 декември, од 12:30 до 13:30 часот, во капелата на гробиштата Бутел. Семејството изразува искрена и длабока благодарност до целиот тим и раководството на Државната неврохируршка клиника во Скопје, особено до д-р Благоја Шунтов, за грижата, посветеноста и хуманоста. Нека му е вечна слава и спомен. Патувај мирно, Диско селекторе“ .


Драган Б. Костиќ е роден на 10 јуни 1950 година во Скопје. Својата богата и влијателна кариера ја започнал во Македонското радио, каде остави неизбришлива трага во историјата на домашната радиофонија.

Тој остана еден од најголемите познавачи на светската музика, историјата на бендовите и пејачите, нивните песни, светските топ-листи, сопственик на една од најголемите колекции плочи, човек кој целиот свој живот им го посвети на музиката и радиото, бардот на македонското радиоводителство...

Почивај во мир!