Масар Омерагиќ во текот на вчерашниот ден пречека високот претставник на ФИФА во просториите на македонската Фудбалска Федерација, а посетата не Елкан Мамадов нема да биде последна од страна на висок функционер на светската организација.
Првиот човек на ФФМ оствари работна средба со Мамадов кој важи за близок соработник на Џани Инфатино, при што Омерагиќ најави дека наскоро се очекува и средба со претседателот на ФИФА во нашата земја.
– Посетата на Елкан Мамадов на нашата федерација, претставува силна потврда за одличната соработка што Фудбалската федерација на Македонија ја има со ФИФА. Поддршката што ја добиваме е исклучително значајна за реализација на нашите стратешки цели, особено во делот на инфраструктурата и зајакнувањето на националните селекции. Во таа насока, во тек се разговори и за организирање посета на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, во првата половина на 2026 година. Остануваме целосно посветени на принципите кои се исклучително важни за ФИФА, транспарентност и долгорочен развој на македонскиот фудбал на сите нивоа, – порача Омерагиќ.

Разговорите со Мамадов биле фокусирани на унапредување на развојните програми, инфраструктурните проекти и зајакнувањето на системот на националните селекции. Посебен акцент бил ставен на важноста од добро управување, транспарентност и долгорочна визија како основа за одржлив развој на фудбалот.

– Импресивно е сето она што Фудбалската федерација на Македонија, под водство на претседателот Масар Омерагиќ, го реализираше во период од само една година. Во Доха, на заеднички состанок со претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, веќе се разговараше за поддршката од ФИФА за клучни проекти кои имаат суштинско значење за понатамошниот развој на македонскиот фудбал, – порача Мамадов.








