[ФОТО] „Toyota“ без возач ги презема работите на аеродромот во Токио

Точка

22/12/2025

20:05

351

Големина на фонт

а а а

Автономни возила на „Toyota“ почнаа да сообраќаат на аеродромот Ханеда во Токио.

„Toyota“ ја започна примената на автономни возила на аеродромот Ханеда во Токио, еден од најпрометните во Јапонија.

Станува збор за електрични влечни возила без возач, опремени со автономија од ниво 4, кои ќе се користат за транспорт на багаж и товар на домашните летови. Проектот беше најавен уште во март 2021 година, а тестирањата започнаа истата есен.

Развојот го води „Toyota Industries Corporation“ во соработка со авиокомпанијата „All Nippon Airways“ („ANA“).


Инаку, ова возило уште во 2022 година ја освои и наградата „iF Design Award“.

Од декември 2025 година во употреба ќе бидат три автономни влечни возила, додека уште три ќе ѝ бидат додадени на флотата до крајот на март 2026 година.

Според „Toyota“, ова е првпат автономно возење од ниво 4 да се користи во затворена зона на некој јапонски аеродром. Претходните тестирања главно се однесувале на системи од ниво 3.


Возилата се наменети за влечење контејнери меѓу авионите и терминалот, а се потпираат на комбинација од сензори за прецизно позиционирање, детекција на пречки и далечински надзор во покомплексни ситуации, како што се близината на пистите и густиот сообраќај на аеродромот.

Дизајнот е сличен на претходните прототипи, со благи измени на браниците и страничните прагови. На возилото се поставени повеќе сензори, вклучително и „LiDAR“, распоредени на предниот дел, страните и калниците, со цел системот да има целосен преглед на околината.

Во автономен режим, максималната брзина изнесува 15 км/ч, а носивоста достигнува до 13 тони. Кога возилото се користи со возач, брзината се зголемува на 25 км/ч, а капацитетот на влечење на 27 тони.


Рутата по која ќе се движат е долга околу 1,5 километар и вклучува и минување низ сигнализирани крстосници во рамките на аеродромот.

Паралелно со воведувањето на возилата, „Toyota“ и „ANA“ имплементираат и нов систем за управување со флотата („FMS“), кој ги координира задачите, рутите, семафорите и движењето на возилата, со цел намалување на застојот и поефикасно функционирање на аеродромот.