Од „Rimac Automobili“ најавија серија "Nevera R Founder’s Edition", која за десетмина купувачи ќе понуди директно учество во дизајнот и идниот развој на компанијата, како и персонализирана испорака од основачот Мате Римац.
Од „Rimac Automobili“ пристигнува информација за специјално издание на нивната "Nevera R", најмоќниот и најексклузивниот електричен хиперавтомобил во светот – "Founder’s Edition". Покрај специјалната опрема и визуелните додатоци, приспособени за оваа посебна серија, секој од само десетте купувачи ќе добие и уникатно искуство на нарачување, развој и сопствеништво на овој модел.

Персонализирано искуство
Тоа започнува со длабоко персонализирана сесија за конфигурација во "Rimac Campus" во Загреб. Купувачите директно соработуваат со Мате Римац, директорот за дизајн Франк Хејл и неговиот тим, користејќи софистициран софтвер „V-RED“ за визуелизација на промените на боите и материјалите во реално време. Овие десет избрани членови на „Founder’s Club“ ќе уживаат трајни привилегии, вклучително приоритетни покани за презентации на производи, директен пристап до седиштето на компанијата преку специјална картичка, како и учество во стратешки дискусии и истражувања за идните модели.

Историја во детали
Секој автомобил од оваа серија се карактеризира со специфичен двобоен дизајн кој ја следи природната геометрија на возилото. Според зборовите на водечкиот дизајнер на екстериерот, Кларк Јутонг Ву, ваквата поделба го нагласува агресивниот став на автомобилот и создава безвременски визуелен идентитет. Долж покривот се протега тенка централна линија, широка на своето најтесно место само два милиметри, која го интегрира препознатливиот мотив на вратоврска и графиките на печатени плочки.
Внатрешноста на возилото крие бројни посвети на историјата на компанијата, како везените детали на вратите што ги означуваат клучните датуми: периодот на работа во гаража, лансирањето на моделот "Concept_One", како и ерата на рекорди со "Nevera" и отворањето на новиот кампус. Седиштата се обоени асиметрично, што претставува посвета на личната конфигурација на "Nevera" на Мате Римац. Купувачите имаат целосна креативна слобода и можат да се одлучат за кој било додаток – од рачно шиени ентериери со егзотични нијанси на кожа до прецизно реплицирани бои според примероци од други автомобили во приватните колекции на сопствениците.
По повеќемесечниот процес на рачно склопување на секој поединечен примерок, Мате Римац лично ќе ги испорача сите десет возила. Покрај тоа, сопствениците ќе поминат специјализирана обука за возење под водство на професионалниот тест-тим на компанијата. Сите десет примероци на "Nevera R Founder’s Edition" беа распродадени за време на приватни презентации пред ексклузивна група клиенти претходно оваа година. Цената не е објавена, но вреди да се спомене дека почетната цена на „обичната Nevera R" изнесува 2,3 милиони евра.

Технологија и рекорди
Овој електричен хиперавтомобил развива 2.107 коњски сили преку четири независни мотори, управувани од напреден систем за распределба на вртежниот момент. Перформансите се потврдени со рекордно забрзување од 0 до 60 милји на час за само 1,66 секунди, додека максималната брзина изнесува 412,45 км/ч. Само во текот на 2025 година, "Nevera R" постави 24 верификувани светски рекорди во перформанси, зацврстувајќи го својот статус на пазарот на спортски автомобили.

















