„Renault“ на крајот од 2025 година постави импресивен рекорд, поместувајќи ги границите на она што досега се сметаше за возможно кај електричните возила. Нивниот ултрааеродинамичен прототип со едно седиште, наречен "Filante Record 2025", успеа да помине неверојатни 1.008 километри со едно полнење на батеријата. Она што овој подвиг го прави уште повпечатлив е фактот дека е остварен за помалку од 10 часа, со просечна брзина од 102 км/ч, што одговара на реални услови на возење на автопат.
По завршувањето на возењето, во батеријата останале уште 11 проценти од капацитетот, што според проценките на компанијата би било доволно за дополнителни околу 120 километри. Со тоа, вкупниот досег потенцијално би се зголемил на дури 1.083 километри.
Патот до рекордот
Станува збор за наменски изработен концепт "Filante Record 2025', кој за првпат беше претставен во јануари годинава. „Renault“ првично планираше обид за уривање на рекордот во јули, но постигнувањето на зададените аеродинамички цели се покажа како посложено од очекуваното.
Прототипот беше подготвен во октомври, но лошите временски услови во Франција повторно го одложија тестирањето. Тимот на крајот одлучи да се пресели во Мароко, каде што на тест-патеката на „UTAC“ на 18 декември конечно беа пронајдени идеални услови.

Инспирација и врвно инженерство
Дизајнот на возилото црпи инспирација од историските рекордери на „Renault“, особено моделите 40 CV од 1925 година и "L’Étoile Filante" од 1956 година. Сепак, за да се исполнат строгите аеродинамички барања, голем број елементи од оригиналниот прототип мораа да бидат преработени во аеродинамичен тунел. Промените вклучуваа отстранување на футуристичкото LED-осветлување, намалување на бројот на отвори за воздух и прецизно обликување на крилата.
Клучните карактеристики, сепак, останаа зачувани: издолжениот поклопец на моторот, проѕирниот кокпит, задниот дел во стил на авион и возачката позиција инспирирана од Формула 1. Инженерските напори не беа насочени само кон аеродинамиката, туку и кон намалување на отпорот при тркалање и вкупната маса. За таа цел беа користени материјали како карбонски влакна, алуминиумски легури и 3D-печатени компоненти од "Scalmalloy".
„Michelin“ за овој проект разви специјален сет гуми со низок отпор при тркалање, додека системите за управување и сопирање работат исклучиво со „by-wire“ технологија. Француската компанија „Ligier“ беше задолжена за платформата, шасијата и карбонската конструкција, во која е интегрирана батерија со капацитет од 87 kWh – идентична на онаа што се вградува во серискиот електричен кросовер „Renault Scenic E-Tech“.

Резултати што го одземаат здивот
На денот на уривањето на рекордот, тројца возачи се менуваа зад управувачот, минувајќи вкупно 239 круга на мароканската патека долга 4,2 километри. Во текот на речиси 10 часа возење немаше застанување за полнење, туку само кратки паузи за технички проверки и замена на возачите. Таа доследност овозможи одржување на висока просечна брзина од 102 км/ч.
Возилото забележа просечна потрошувачка на енергија од само 7,8 kWh на 100 километри. Тоа е речиси двојно помалку од официјалниот WLTP-податок за „Scenic E-Tech“, кој со истата батерија троши 14,1 kWh на 100 километри во стандардизирани тест-услови. За разлика од лабораториските мерења, овој тест беше спроведен при реални автопатски брзини.

Лекции за иднината
„Renault“ го разви "Filante Record 2025" не само како оддавање почит на своето наследство во уривање рекорди, туку и како тест-платформа за унапредување на ефикасноста на идните сериски електрични возила, особено за долги патувања. Целта е знаењата и иновациите стекнати преку овој проект да се пренесат на идните модели на „Renault“, овозможувајќи им на возачите да поминуваат повеќе време на пат, а помалку на полначи, додека технологијата на батериите и погонските системи продолжува да се развива.













