Прифатена иницијативата за дислокација на УСЈЕ, соопшти Зелен хуман град

A1ON.MK

26/12/2025

09:16

1.369

Големина на фонт

а а а

Советот на Град Скопје по 13-часовна седница едногласно ја усвои иницијативата на Зелен хуман град (ЗХГ) за започнување постапка за дислокација на цементарницата „Усје“ и другите големи индустриски загадувачи надвор од скопската котлина.

Од ЗХГ соопштија дека за првпат во историјата на Скопје сите политички групи во Советот застанале зад заеднички став во интерес на граѓаните и заштитата на животната средина.

Со усвоените заклучоци, Град Скопје е задолжен да се обрати до Министерството за животна средина со барање да се испита работењето на „Усје“ и другите големи индустриски капацитети, како и дали ги исполнуваат условите од еколошките дозволи и законската регулатива. Министерството треба во најкраток рок да ги достави резултатите до Градот.

Дополнително, се бара Државниот инспекторат за животна средина да спроведе серија ненајавени вонредни инспекциски надзори со цел утврдување на фактичката состојба, почитувањето на еколошките стандарди и дозволените емисии.

ПРИФАТЕНА ИНИЦИЈАТИВАТА НА ЗХГ ЗА ДИСЛОКАЦИЈА НА УСЈЕ


ЗХГ продолжува со преседани и овој мандат ✊


Првпат во историјата...

Posted by ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД on Thursday, December 25, 2025

Советот ја задолжи и Општина Кисела Вода, како и останатите општини во рамки на Град Скопје, при изработката на деталните урбанистички планови и идните плански постапки да ги земат предвид наодите и мислењата на надлежните институции, со цел одржливо и усогласено просторно планирање.

Градоначалникот на Скопје, пак, е задолжен да се обрати до Владата за да се разгледа можноста за започнување постапка за дислокација на „Усје“ и другите големи индустриски загадувачи на соодветни локации надвор од скопската котлина, во согласност со Законот за животна средина и Просторниот план на државата.

Заклучоците ќе бидат доставени до градоначалникот на Скопје, Владата, Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и сите општини во состав на Град Скопје.