Ериксен за бруталниот став на Аморим: Таа изјава воопшто не ни помогна

Дерби

28/12/2025

16:14

469

Големина на фонт

а а а

Кристијан Ериксен го напушти Манчестер Јунајтед изминатово лето откако му истече договорот, но како играч кој се уште игра професионално во Бундеслигата, Данецот ги следи случувањата во Премиер лигата.

Искусниот Ериксен три години му служеше на великанот од „Олд Трафорд“ и беше дел од клубот во проблематичен период, па често се носеше и со жестоки притисоци и критики во јавноста, нешто што ескалираше под водство на Аморим на почетокот на 2025-та година.

Јунајтед падна на 13-то место во месец јануари откако загуби на четири од последните пет натпревари на домашен терен, а тој неуспех го натера Аморим да заклучи дека го води најверојатно најлошиот тим на Јунајтед во историјата.

Оваа изјава на Аморим предизвика бура во јавноста, а Ериксен една година подоцна открива дека тоа не им помогнало ниту на играчите во соблекувалната.

– Таа изјава на Аморм воопшто не ни помогна, тоа воопшто не ни помогна. Некои работи може да кажете внатре во соблекувалната и да останат меѓу нас, не е баш паметно да кажете такво нешто во јавноста. Така се создаде уште поголем притисок врз тим на кој не му одеше добро. Притисокот беше огромен, а играчите беа етикетирани и покрај тоа што даваа се од себе.

– Не е важно дали е во право, или не, мислам дека тоа не му помогна на никој во соблекувалната. Мора да нагласам дека ние како тим бевме навистина блиски и како семејство, се штитевме меѓусебно во тренинг комплексот, но вревата однадвор не ни помагаше. Има многу стручњаци, многу поранешни играчи на Јунајтед кои имаат мислење за се и сешто, а тука секако е и притисокот од навивачите. Надворешната врева правеше дополнителен притисок за сите нас, – изјави Ериксен.