Умереноста е клучот за сè, но според експертите, токму овие четири навики е најдобро да се сведат на минимум.
Без храна и пијалаци телото не може да живее, но токму некои од намирниците и напитоците што секојдневно ги консумираме можат да го забрзаат пропаѓањето на нашето срце. Иако пушењето, физичката неактивност и масната храна одамна се познати ризик-фактори, постојат и други, наизглед безопасни навики кои сериозно го загрозуваат здравјето на кардиоваскуларниот систем. Кардиохирургот д-р Џереми Лондон издвојува четири работи кои најмногу го оптоваруваат срцето:
Брза храна
Ништо ново, но вреди да се повтори – брзата храна не е вистинска храна. Според д-р Лондон, поголемиот дел од она што се нуди во ланците за брза храна всушност се „јадливи прехранбени производи“, полни со индустриски преработени состојки кои поттикнуваат воспаленија и долгорочно го уништуваат здравјето на срцето.
Газирани пијалаци
Газираните пијалаци – без разлика дали обични или диетални – д-р Лондон ги нарекува „течна смрт“. Само една лименка содржи околу 10 лажички шеќер или еквивалентна количина пченкарен сируп. Тоа ги зголемува триглицеридите, поттикнува дебелеење, нагло го крева шеќерот во крвта и го зголемува ризикот од дијабетес, а со тоа и од срцеви заболувања.
Млеко
Иако е богато со калциум и протеини, кравјото млеко содржи и многу заситени масти кои го зголемуваат холестеролот и ризикот од срцев и мозочен удар. Д-р Лондон истакнува и еден интересен податок: човекот е единствениот цицач кој продолжува да пие млеко и по детството – и тоа од друг животински вид.
Алкохол
„Алкохолот е апсолутно токсичен за секоја клетка во нашето тело“, тврди д-р Лондон. Дури и повремената и умерена консумација може да биде штетна. Иако често се споменуваат студии за „корисните“ ефекти од мала количина вино, кардиолозите нагласуваат дека тие најчесто се нецелосни и често финансирани од самата индустрија.
Умереноста е клучот за сè, но според експертите, токму овие четири навики е најдобро да се сведат на минимум – или целосно да се избегнуваат. Доколку сте загрижени за вашите прехранбени навики и здравјето на срцето, секогаш консултирајте се со лекар.










