Гастритисот „напаѓа“ во зима и за време на празниците: Кои се симптомите и како да го смирите желудникот?

Точка

31/12/2025

17:03

322

Големина на фонт

а а а

Воспалението на желудникот, познато како гастритис е еден од најчестите здравствени проблеми во овој период од годината.

Странски експерти предупредуваат дека симптомите често се игнорираат сè додека не станат интензивни.

Според пишувањата на водечките здравствени портали, гастритисот може да се држи под контрола со навремено препознавање на симптомите, правилна исхрана и избегнување намирници што дополнително го иритираат желудникот.

Во продолжение откриваме како да го препознаете проблемот и што навистина помага при воспаление на желудникот.


Најчести симптоми:

Болка во горниот дел на стомакот – често пецкање или тапа болка

Горушица – чувство на горење во градите или грлото

Мачнина и повремено повраќање

Надуеност и чувство на полн стомак по јадење

Губење апетит – намален интерес за храна

Гасови и подригнување – честа појава при иритација на желудникот

Блага слабост или малаксаност – особено ако болката трае подолго

Повремена киселина во устата.

Напомена: Ако се појават силни болки, крв во столицата или повраќање, задолжително јавете се кај лекар.

Гастритисот се дели според текот, хистолошките карактеристики, анатомската распределба или според патогенетските механизми што го предизвикуваат. Притоа, се класифицира во две групи – акутен и хроничен. Акутниот гастритис се јавува нагло и брзо поминува, додека хроничниот може да трае со години, а нелекуваниот придонесува за појава на чир на желудникот, па затоа треба да се сфати сериозно. Во некои случаи може да доведе до зголемен ризик од рак на желудникот.


Намирници што го иритираат желудникот

Список на намирници и пијалаци што треба да се избегнуваат при гастритис:

Мрсна храна – пржени јадења, брза храна, масни сосови

Зачинета храна – лути пиперчиња, зачини со многу бибер

Кисела храна и пијалаци – цитрусно овошје, сокови од цитрус, домат, кисели краставички

Газирани пијалаци, енергетски пијалаци

Кафе и кофеински пијалаци – можат да ја зголемат киселината во желудникот

Алкохол – особено пиво, вино и жестоки пијалаци

Чоколадо и слатки со многу шеќер – можат да ја влошат горушицата

Суров зеленчук што тешко се вари – зелка, кромид, пиперка, брокула (може да предизвика надуеност)

Зачинети сирења и ферментирани производи – сирење со многу зачини, кисело млеко со додатоци.

Совет:

Јадете мали, почести оброци наместо големи и тешки.


Намирници што го смируваат желудникот

Во продолжение намирници кои најчесто помагаат при воспаление на желудникот и иритација на желудочната слузокожа:

Банани – лесно сварливи и помагаат во „обложување“ на желудникот.

Ориз – неутрален, не го иритира желудникот, идеален за варење.

Варен компир – без маснотии, го смирува надразнетиот стомак.

Овесна каша – блага, лесно сварлива и смирувачка.

Варен или печен зеленчук – морков, тиквичка, тиква.

Пилешко или мисиркино месо без кожа – варено или печено, немасно.

Јогурт со живи култури (пробиотици) – помага за варењето и ја обновува цревната флора.

Чај од камилица или нане – ги смирува грчевите и надуеноста.

Варени јајца – лесно сварливи, особено белката.

Круши и печени јаболка – лесно сварливи, благо го „обложуваат“ желудникот.

Совети

Избегнувајте мрсна, зачинета, кисела и пржена храна, како и газирани пијалаци и алкохол додека трае воспалението.

Јадете мали оброци почесто, наместо големи порции одеднаш.


Зелен чај со мед

Консумирањето зелен чај со мед има неколку потенцијални придобивки за лекување на гастритис. Пиењето топла вода може да го смири дигестивниот тракт и да го олесни варењето во желудникот. Едно истражување покажало значајна разлика кај луѓе со гастритис кои пиеле чај со мед само еднаш неделно. Исто така е докажано дека медот има антибактериски својства, кои ефикасно ја држат хеликобактер-пилори под контрола.

Како се дијагностицира гастритис?

За да се постави дијагноза на гастритис, покрај лабораториските анализи, потребно е пациентот да се подложи на гастроскопија.


За време на гастроскопијата се зема примерок од ткиво за патохистолошка анализа (биопсија), по што се утврдуваат карактеристиките на слузницата на желудникот. Дури по потврдување на гастритисот се препишува соодветна терапија врз основа на причинителот.