ФИФА подготвува жестоки санкции за Габон

Макфакс

02/01/2026

12:10

284

Големина на фонт

а а а

Светската фудбалска федерација (ФИФА), ќе реагира на одлуката на државата Габон, да го распушти тренерскиот персонал на националната фудбалска репрезентација и да ги суспендира сите тимски активности до понатамошно известување.

Се очекува ФИФА, во согласност со своите принципи и статус, да го казни ФС Габон за мешање на државата во работата и функционирањето на националната федерација и националните тимови.

Освен распуштањето на тренерскиот персонал, двајца од најважните и најискусните играчи, Пјер-Емерик Обамејанг и Бруно Екуеле Манга, беа отстранети од тимот поради, како што беше кажано, срамниот настап на репрезентацијата на Африканскиот куп на нации.

Габон беше поразен во сите три натпревари на турнирот (Камерун, Мозамбик, Брегот на Слоновата Коска).

Тамошниот министер за спорт, Симплис-Дезир Мамбула, во изјава за државната телевизија ја пренесе шокантната одлука на владата на оваа земја.

„Со оглед на срамниот настап на репрезентацијата на Африканскиот куп на нации, владата одлучи да го распушти тренерскиот персонал, да ги суспендира активностите на репрезентацијата до понатамошно известување и да ги исклучи играчите Бруно Еквеле Манга и Пјер-Емерик Обамејанг од тимот“.

36-годишниот Обамејанг, најдобриот стрелец на репрезентацијата на сите времиња (41 гол) и поранешен африкански фудбалер на годината (2015), ја заврши својата репрезентативна кариера против своја волја.

Манга е рекордерот според бројот на настапите за репрезентацијата и капитен на националниот тим.

Одлуката на габонската влада директно ги крши статутите на ФИФА, кои строго забрануваат мешање на државата во работите на националните асоцијации. ФИФА воведува строги санкции за ваквите дејствија, вклучително и забрана за учество на репрезентацијата и клубовите од таа земја во натпревари под нејзино покровителство.

Неодамнешната историја нуди изобилство докази за ова: Зимбабве и Шри Ланка беа суспендирани од членство во ФИФА во 2022 и 2023 година поради мешање на владата, Индија се соочи со кратка суспензија во август 2022 година по судска одлука, а Кенија, ЧАД и Пакистан исто така беа суспендирани од меѓународниот фудбал во различни периоди од слични причини.

Несомнено е дека слична судбина го чека и Габон, се разбира ако владата не ја промени својата одлука откако главите малку ќе се смират.