Музичките канали заминаа во историјата: „MTV“ ја одјави својата програма симболично – со истата песна со која и започна

Точка

03/01/2026

18:33

2.130

Големина на фонт

а а а

Повеќе од четири децении откако „MTV“ ја револуционизираше музичката индустрија, неколку од неговите култни музички канали на 31 декември 2025 година официјално беа згаснати.

Крајот на една ера пристигна – „Paramount Global“ ги укина 24-часовните музички програми на „MTV“ ширум светот. Згаснати се следните канали: „MTV Music“, „MTV 80s“, „MTV 90s“, „Club MTV“, „MTV Live“ и „MTV Hits“.

Гасењето на овие канали започна во Велика Британија и Ирска, а потоа се прошири и во други држави, вклучувајќи ги Франција, Полска, Австралија, Бразил и други. Иако музичките програми на „MTV“ сè уште официјално не се згаснати во Соединетите Американски Држави и Јужна Америка, гледачите пријавија прекини во програмата.


Одлуката за укинување на музичките канали на „MTV“ доаѓа по претходната одлука на „Paramount Global“ за намалување на трошоците. Воедно беа откажани и неколку доделувања на награди, меѓу кои „MTV Europe Music Awards“ и „MTV Latin America’s MIAW Awards“. Компанијата, наводно, планира да ги намали трошоците за 500 милиони долари.

Извршниот директор на „Paramount Skydance“, Дејвид Елисон, наводно сè уште има намера да го ревитализира „MTV“ и другите кабловски канали, но не е јасно што би можело тоа да значи, особено по гасењето на голем дел од музичката програма.

Последната песна што „MTV Music“ симболично ја емитуваше пред згаснувањето беше „Video Killed the Radio Star“ од групата „The Buggles“. Токму со оваа песна каналот беше лансиран далечната 1981 година.

Останатите музички канали на „MTV“ го завршија своето емитување со соодветни проштални хитови, како песната „Goodbye“ од „Spice Girls“ на „MTV 90s“.