Скопје се простува од Зоки Панкер: „Ќе фалиш со твоите легендарни изјави: Не ги пуштај овие, многу се свадбарски облечени“

Точка

05/01/2026

12:52

14.834

Големина на фонт

а а а

Скопје се простува од Зоран Тодоровски познат како Зоки Панкер – автентичен урбан лик и нераскинлив дел од градската меморија, симбол на скопската алтернативна и ноќна сцена.

За многумина, Зоки не беше „познато име“ во класична смисла, туку човек што му припаѓаше на градот. Лик кој сите го препознаваа, дури и оние што никогаш лично не поразговарале со него. Доволно беше да се спомене „Зоки Панкерот“ и речиси секој во Скопје знаеше за кого станува збор.


Како сопственик и домаќин на ноќниот клуб Балет, тој создаде простор што со години беше собиралиште на различни генерации, музички вкусови и урбани приказни. Преку „Балет“, но и преку своето присуство, став и енергија, Зоки остави длабока и препознатлива трага во ноќниот живот на градот.

Последното збогување со Зоран Тодоровски – Панкер ќе се одржи денеска, 5 јануари, на Градските гробишта Бутел. Капелата ќе биде отворена од 13:00 до 14:30 часот, а погребот ќе следи по нејзиното затворање.

По веста за неговото заминување, социјалните мрежи се преплавија со пораки од пријатели, познаници и скопјани – спомени за заедничките ноќи, музиката, разговорите и атмосферата што Зоки ја создаваше со децении.

Миа Костова напиша: „Се поголема е журката таму горе. Крај на една ера. Широко небо Панкер. Балет си беше или нема да влезеш или ќе маваш лустери до 5 сабајле“.


„Зоки Панкерот – отидоа сите приказни од Балет со него, отидоа утрата кои ги трошевме, колку пати ја имам мавнато главата од сепарено горе, таман да си одам вика од шанк: Чека не направивме живели. Каков лик, шизи горе Панкер“, напиша Весна Бејби.


„И Зоки Панкер Тодоровски се одјави. Скопска и угостителска легенда кој знаеше скопски да го живее секојдневието на градов, кој се повеќе го губи шармот.

Ќе фалиш Зоки со твоите црнчиња што нè частеше сите во Балет. Ќе фалат твоите журки, ќе фали Балет и ќе фалат моментите кога скоро секој од нас нè имаше барем по еднаш разденето во Балет. Ќе фалиш со твоите легендарни изјави: Не ги пуштај овие, многу се свадбарски облечени. Се одјави еснаф човек. Полека и Скопје се одјавува“, напиша Фросина Фро.


„На почетокот од годинава нѐ напуштија две скопски легенди. Анита Капетановиќ, бунтовничката хумана кучкарка од Генералштаб, што не го дочека повторно Брега во Скопје - посебна, ретка билка.

И Зоки Панкер (Флок и Балет), човекот со кој сите испиле веројатно најмногу шотови во животот, па дури и дозволи техно да се свири во Балет некое време.

Лесна им земја - му даваа посебен шмек на Скопје. Затварањето на Буква не го спомнувам со надеж дека ќе отворат на друга локација“, напиша Горан Костовски.


„25-та доста души однесе ама и 26-кава го следи "трендот". Лесна му земја на Зоки Панкер.

Уште една скопска урбана легенда заминува во вечноста. Слава му и вечни спомени. Остави траен печат на скопскиот урбан ноќен живот за кој новиве "дечки" само ќе слушаат приказни. Сочувство до семејството“, напиша Пеце од Суперхикс.


„Починал Зоки Панкер, повеќе од угостител, повеќе од човек кој имаше ноќен клуб. Човек кој сред Скопје создаде мало парче на слобода, кај шо одиш со насмевка, а се враќаш со уште поголема, кај што сѐ е можно и сѐ обично се случува.

Од пред короната малку работи ми зафалиле, а најголемата е Балет и како беше. Нек се треси небо таму на Bohemian rhapsody засекогаш“, напиша Божидар Божиновски.


„Отиде и Зоки Панкер. Вечно млад човек. Прво беше во Ван Гог, па нешто ќе одеше Данска, па се врати и кусо време беше во Простор, па во Флок, па долго време во Балет... Ми даваше „црнчиња“ место кафе кога му одев таму во 4-5 сабајле, свежо разбуден. Ретко бистар и свој човек. Ќе ми недостасува. И мене и на цели генерации што излегувале по овие места“, напиша Тихомир Јанчовски.