На саемот за потрошувачка електроника (CES) во Лас Вегас, Невада, музиката оваа година не била само нешто што се слуша – била и нешто што може да се вкуси.
Имено, компанијата „Lollipop Star“ претставила јадлива иновација: лижавче што свири додека го лижете или гризете. Лижавчето вклучува песни од изведувачи како Ајс Спајс и Ејкон, а звукот се пренесува со помош на технологија на коскена спроводливост, директно преку лижавчето до слушателот.

„Lollipop Star е лижавче во кое е вградена музика. Не е само лижавче, туку е и ’носител‘ на музика. Користат технологија на коскена спроводливост. Јадете лижавче и можете да слушате музика преку технологијата на коскена спроводливост“, изјавил Сен Цаи, главен маркетинг директор на „Lollipop Star“.
Коскената спроводливост е начин на кој звукот стигнува до внатрешното уво преку вибрации на черепот, заобиколувајќи ги надворешното и средното уво, а се користи во аудиолошки тестови за процена на слухот.
Резултатот е, како што било опишано на саемот, минијатурен концерт во устата што ги изненадил и воодушевил посетителите на „CES“.
Иновацијата го импресионирала и Весли Мур од Њу Џерси, долгогодишен учесник на саемот.
„Еве ме, имам 66 години и уживам во нешто вакво. Неверојатно е“, рекол Мур.

Музичките лижавчиња ќе се продаваат по цена од 8,99 долари, а ќе бидат пуштени во продажба по завршувањето на „CES“. Цаи рекол дека интересот веќе е голем: повеќе од милион луѓе се приклучиле на листата на чекање, желни да ја вкусат иднината на музиката.








