[ФОТО] Критично загрозен вид кокиче откриен на Кораб: Научниците именуваа 190 нови растенија и габи во 2025

Точка

08/01/2026

16:39

884

Големина на фонт

а а а

На планината Кораб, на границата меѓу Северна Македонија и Албанија, е откриен нов вид кокиче, кој научниците го класифицираат како критично загрозен и ендемски. Растителниот вид, со научно име „Galanthus subalpinus“, досега не бил документиран во научната литература и претставува значајно откритие за флората на западниот Балкан.

Иако припаѓа на добро познатиот род „Galanthus“, деталните истражувања покажале дека станува збор за посебен вид. Неговата популација е ограничена, а распространетоста многу мала, што го прави особено ранлив на човечки влијанија, како собирање за градинарски цели, прекумерно пасење и промени во животната средина. Според експертите, токму овие фактори го прават кокичето од Кораб критично загрозен вид, со реален ризик од исчезнување доколку не се преземат соодветни мерки за заштита.


Откритието на новиот вид е дел од широк годишен преглед на новоименувани видови за 2025 година, според кој експертите од „Кралските ботанички градини Кју“ (Royal Botanic Gardens, Kew) и нивните меѓународни соработници опишаа и именуваа вкупно 190 нови растенија и габи од различни делови на светот. Меѓу нив се нови од видови орхидеи, палми, сукуленти и габи, кои се откриени во различни екосистеми — од тропски шуми до планински региони.

Според истражувачите, човечките активности ја „еродираат природата до точка на исчезнување“. Д-р Мартин Чик од Кју истакна дека именувањето и научното опишување на видовите е клучно во време кога загубата на биодиверзитет и климатските промени се забрзуваат. „Тешко е да се заштити она што не го познаваме и за што немаме научно име“, предупреди тој.

Меѓу највпечатливите откритија е орхидејата Telipogon cruentilabrum, пронајдена во високите андски шуми во Еквадор. Таа го добила името по „крваво обоената“ усна на цветот, а нејзините жолто-црвени ливчиња имитираат женки на муви за да привлечат машки примероци за опрашување. И покрај уникатноста, повеќе од половина од нејзиното живеалиште веќе е уништено поради сеча, рударство и земјоделство.


Посебно внимание привлече и габата Purpureocillium atlanticum, пронајдена во атлантските шуми на Бразил. Таа припаѓа на групата т.н. „зомби-габи“ кои паразитираат други организми. Овој вид ги инфицира пајаците што живеат во подземни дупки, целосно ги обвиткува, а потоа од телото израснува плодник кој ги ослободува спорите.


Меѓу новоименуваните растенија е и Aphelandra calciferi, шумска грмушка од Перу со огнено портокалово-црвени и жолти цветови, наречена по ликот Калцифер од анимираниот филм „Howl’s Moving Castle“. Научниците сметаат дека има голем потенцијал како украсно растение.


Листата вклучува и „жив камен“ – Lithops gracilidelineata, сукулент кој изгледа како обичен камен и расте во сушните области на јужна Африка, како и нови орхидеи од Индонезија, дрвја со плод со вкус на банана и гуава од Папуа Нова Гвинеја и ретки шумски дрвја од Камерун.


Научниците посочуваат дека многу од овие новоименувани видови се веќе загрозени, со мали популации и ограничена распространетост. Ова укажува на тоа дека природата на планетата сè уште крие непознати биолошки богатства, но истовремено е под голем ризик од човечки активности и климатски промени.

Стручњаците нагласуваат дека именувањето на нов вид е клучен чекор за неговата заштита, бидејќи без научна документација, овие растенија и габи не можат да бидат вклучени во програми за конзервација или во банки на семиња. Откритието на кокичето од Кораб уште еднаш ја истакнува биолошката вредност на планинските подрачја на Балканот и потребата од нивно внимателно и долгорочно зачувување.