Холандската новинарка Хелене Хендрикс (45) јавно го обвини поранешниот напаѓач на Атлетико Мадрид, Диего Коста (37), дека намерно ја заразил со коронавирус. Во подкастот „HNM“ таа изнесе шокантни тврдења за однесувањето на бразилскиот фудбалер.
Еден од последните големи натпревари одиграни пред публика пред целосниот локдаун беше дуелот меѓу Ливерпул и Атлетико Мадрид во Лигата на шампионите, во март 2020 година.
„Од сите луѓе кои беа на тој стадион, 41 од нив подоцна починаа од последиците на Ковид-19. Прво бев во контакт со Вирџил ван Дајк, а потоа и со Диего Коста. Знаете ли што направи тој? Ми пријде и намерно кашлаше директно во лицето на луѓето“, раскажа Хендрикс.
Hendriks, die voor interviews op het veld was, was geschokt door de actie van de toenmalige spits van Atlético Madrid. https://t.co/uB7GphbcWJ pic.twitter.com/LCx7tKGQC8
— Nieuwe Revu (@NieuweRevu) January 8, 2026
Таа додаде дека само два дена по тој инцидент и самата се разболела од коронавирус, но, за среќа, успешно закрепнала.
„Не се вознемирувам лесно, но во тој момент сакав да потрчам по него и да го прашам: ‘Што ми правиш?’. Ми кашлаше директно во лицето. Не можев да поверувам што се случува, го сметав тоа за апсолутно скандалозно“, нагласи холандската новинарка.
Диего Коста во текот на кариерата беше познат по исклучително агресивниот стил на игра и бројните испади на теренот. Иако важеше за квалитетен и трофеен напаѓач, често ги преминуваше границите на спортското однесување.

Францускиот „L'Équipe“ уште во декември 2015 година го прогласи за „најомразен фудбалер“ поради постојаните провокации.
Бразилецот моментално е без клуб, а последниот настап го запиша во дресот на Гремио кон крајот на 2024 година. Сè уште официјално не го објавил крајот на кариерата, ниту се огласил во врска со овие сериозни обвинувања што ги изнесе холандската новинарка.









