Светски признат експерт за долгоречност Ден Бјутнер, соработник на „ National Geographic “ и автор на повеќе бестселери, порачал дека патот кон долг и здрав живот не води преку скапи додатоци или напорни тренинзи, туку преку секојдневните одлуки, особено оние што ги донесуваме во сопствената кујна.
Бјутнер веќе децении ги проучува заедниците со најдолговечно население во светот, таканаречените Сини зони, и тврди дека одредени намирници едноставно не смеат да го преминат прагот на домот ако сакате да доживеете длабока старост – и големи 100 години.
Во видео-снимка објавена на Инстаграм, познатиот експерт за долгоречност издвоил четири групи на намирници кои, според неговите зборови, треба целосно да се исклучат од домот.
Преработено месо, слатки, сокови и грицки – големо НЕ
Преработеното месо е на прво место. Сланина, колбаси и сувомеснати производи, како што истакнува Бјутнер, директно се поврзани со зголемен ризик од рак и срцеви заболувања. Ваквата храна речиси и да не постои во исхраната на луѓето од Сините зони, како Сардинија или Окинава, каде достигнувањето сто години живот речиси е вообичаено.
На листата потоа се наоѓаат засладени пијалоци, особено газирани. Тие, според неговите зборови, се најголем извор на рафиниран шеќер во современата исхрана и предизвикуваат нагли скокови на шеќерот во крвта, без никаква нутритивна корист. Долгорочно придонесуваат за дебелина, инсулинска резистенција и хронични воспалителни процеси во организмот.

Третата категорија се индустриски преработени солени грицки, кои поттикнуваат несвесно прејадување и лесно водат до вишок килограми.
На крајот, Бјутнер предупредува и за слатките што многумина ги чуваат во кујнските ормари. „Тоа се работи кои никогаш не би требало да ги внесувате во домот“, нагласува.
Околината е поважна од силата на волјата
Сепак, овој истражувач не застапува строги забрани. Напротив, тој смета дека околината е клучна. Ако нездравата храна не е при рака, помала е веројатноста дека ќе ја консумираме.
„Ако повремено сакате да јадете нешто од тоа – во ред е. Само немојте да го чувате дома. Направете ги здравите избори полесни – и ќе се видиме кога ќе наполните 100 години“, напоменал.
Бјутнер со години истакнува дека силата на волјата е преценета и дека и најздравите луѓе на светот не живеат дисциплинирано, туку паметно го обликуваат својот животен простор.
Исхрана од Сините зони
Самиот Ден Бјутнер веќе десет години не јаде месо, а неговото мени се заснова на растителна исхрана инспирирана од Сините зони. Тој тврди дека ваквиот начин на исхрана му донел повеќе енергија, стабилна телесна тежина и подобро општо здравје.
Секој ден го започнува со чинија минестрон супа со мешунки, маслиново масло и малку авокадо, која ја препорачува и како проверено најдобар појадок за здрав и долг живот.
„Тоа ме држи сит и стабилен низ денот“, вели тој. Ручекот не го планира строго, туку најчесто јаде овошје и едноставни оброци што ги сака, бидејќи верува дека уживањето во храната е клучно за долгорочно здрави навики.

Во планинските делови на Сардинија, минестрон не е само јадење туку традиција која се пренесува низ генерации. Комбинацијата на мешунки, зеленчук и целозрнести житарки денес се смета за еден од најздравите модели на исхрана.
Истражувањата на Бјутнер покажуваат и дека исхраната богата со грав, зелен зеленчук и нерафинирани јаглехидрати значително го намалува ризикот од хронични болести и го продолжува животниот век. Овие сознанија ги собрал во книгата „Кујната на Сините зони“, со предупредување дека таквите навики полека исчезнуваат под влијание на брзата храна и современиот начин на живот – поради што нивното зачувување е поважно од кога било.















