„Келнер! Келнер! Келнеееер!“... Во ред, се надеваме дека не викате баш така бидејќи не е пристојно, но сигурно знаете за што зборуваме. Седнавте во кафуле, веќе некое време седите, келнерите поминуваат покрај вас како да не постоите, безуспешно се обидувате да фатите нечиј поглед, срамежливо и мавтате, но ништо...
Еден келнер од Хрватска на „Reddit“ се зафати со таа тема која е чест случај и кај нас и објасни зошто тоа се случува. И не, не сте невидливи и не е ништо лично.
Авторот на објавата, кој тврди дека работел во еден поголем ланец кафулиња во Хрватска, објаснува дека работата често се дели според системот на „реони“. Тоа значи дека секој келнер има свој дел од локалот и свои маси. Проблемот, вели тој, настанува кога на персоналот му е забрането да ги услужува гостите од туѓ реон – дури и ако некој очигледно чека.

„Ми се случувало многу пати да работам со некого што не ги услужува своите гости, па тие потоа си го истураат бесот врз мене“, напишал тој. На гостите им порача да имаат разбирање: поентата не е во тоа дека келнерите не сакаат да ги послужат, туку едноставно не смеат.
Во коментари брзо се разви расправа, а дел од корисниците почнаа да нагаѓаат за кој ланец би можело да станува збор. Многумина опишуваа слични искуства: долго чекање, впечаток дека персоналот „не следи“ кој дошол и кој чека, па дури и ситуации во кои, како што велат, „пет келнери стојат зад шанкот и никој не реагира“.
Некои ја критикуваа организацијата и раководството на таквите локали, а дел од расправата се допре и до вработувањето студенти без угостителско искуство и недостигот од луѓе во смена. Еден коментатор наведе пример со студентка која на крајот од смената имала помалку пари во касата, додека колегата се фалел со голем бакшиш – како илустрација на хаосот и нееднаквото искуство во работата.

Расправата брзо се подели. Дел од луѓето изразија сочувство кон келнерите и заклучија дека таквите места најдобро е да се избегнуваат. Други, пак, тврдеа дека внатрешната организација не би требало да биде проблем на гостинот: ако некој чека 10 или 15 минути и се чувствува игнориран, едноставно ќе си замине.
Системот на „реони“ инаку е вообичаен во угостителството бидејќи може да ја зголеми ефикасноста и поправедно да ја распредели работата.