Ангажирал 15 советници со една цел: Да спречи „Netflix“ да стане апсолутен господар на филмскиот свет

Точка

16/01/2026

19:23

549

Големина на фонт

а а а

Холивудската војна за превласт над империјата „Warner Bros“ влезе во својата најопасна фаза. Дејвид Елисон, наследник на технолошката империја „Oracle“, ја активираше таканаречената „нуклеарна опција“ – директен удар врз управата на компанијата со цел да ја преземе од рацете на „Netflix“. Со поддршка од татко му Лери и со отворено навивање од Доналд Трамп, Елисон е подготвен за „улична борба“ што може засекогаш да ја промени картата на светската забава.

Сè започна едно студено декемвриско утро во импровизирана воена соба, сместена во подрумот на зградата на банката „UBS“ во Њујорк. Таму Дејвид Елисон со денови одржувал маратонски состаноци со најмоќните банкари од Волстрит. Сведоци го опишуваат како човек целосно опседнат со оваа битка; ги откажал сите други обврски и мобилизирал тим од 15 врвни советници со цел по секоја цена да го запре „Netflix“. Неговата цел е јасна: да спречи „Netflix“ да стане господар на филмскиот пазар и да го преземе „Warner Bros“ во момент кога индустријата се менува од темел.


За да го постигне тоа, Елисон не се потпрел само на шарм, туку и на личната гаранција од својот татко Лери Елисон, основачот на „Oracle“, кој со богатство од 255 милијарди долари е подготвен да го финансира походот на својот син до последниот долар.


Што е „proxy“ битка?

Во светот на корпоративното војување, „proxy“ битката (proxy fight) е еквивалент на државен удар во акционерско руво. Таа се активира кога управата на една компанија, во овој случај „Warner Bros“, тврдоглаво одбива понуда што акционерите ја сметаат за подобра.

Планот на Елисон за преземање на „Warner“ одвнатре се одвива во три чекори, а првиот е соборување на управата. Бидејќи актуелниот одбор на „Warner“ ја зазема страната на „Netflix“, Елисон планира на претстојното собрание да номинира сопствена листа кандидати за директори.


Потоа следува војна за гласови, при што во наредните недели акционерите ќе бидат преплавени со писма, реклами и повици во кои двете страни ќе ги убедуваат чија визија ќе им ги наполни џебовите повеќе. Последната фаза е преземање одвнатре: доколку акционерите гласаат за луѓето на Елисон, тие ја преземаат контролата, го раскинуваат договорот со „Netflix“ и ја прифаќаат понудата на „Paramount“.

Колку е ова исцрпувачко најдобро го покажува примерот на „Disney“ од 2024 година, кој потрошил 40 милиони долари само за да се одбрани од сличен напад. Кај Елисон ситуацијата е уште поекстремна: тој е и директен конкурент, а целиот негов тим од 15 врвни советници во моментов не работи ништо друго освен да се обиде да ги убеди инвестициските куќи како „ISS“ и „Glass Lewis“ да го поддржат нивниот „пуч“.


Благословот на Трамп и „шлаканицата“ од Волстрит

Она што овој судир го прави најексплозивен во историјата е вмешувањето на Белата куќа. Доналд Трамп минатиот месец отворено сугерираше дека „CNN“, кој е дел од „Warner“, треба да најде нов сопственик, додека на социјалните мрежи споделуваше текстови што го напаѓаат бизнисот на „Netflix“ со „Warner Bros.“. Поради тоа, двете страни ангажираа лобисти од „Ballard Partners“, компанија со директна врска со претседателот, бидејќи знаат дека политиката ќе го има последниот збор кај регулаторните тела.

Но, додека лобистите работат во сенка, на Волстрит владее хаос. Влијателни инвеститори како Марио Габели за „Hollywood Reporter“ отворено порачуваат дека повеќе ѝм веруваат на парите на Елисон отколку на ветувањата на „Netflix“ и дека ќе насочат 90 проценти од акциите со кои управуваат против „Netflix“. „Netflix“ сега се обидува да се спаси со тоа што панично ја менува понудата, планирајќи исплата исклучиво во готовина за да го исфрли Елисон од игра и да го избегне понижувањето на суд во Делавер, каде што веќе е тужен поради тајни анекси на договорот кои би можеле да потврдат дека одборот на „Warner“ работел против интересите на акционерите.