Почина последниот крал на италијанската мода. Последниот член на „светото тројство“. По Версаче и неодамна Армани, од пистата замина и Валентино Гаравани.
Еден од најдолговечните и највлијателни креатори, вечен љубител на убавината, верен на ерата и начинот на живот „долче вита“ до последниот час, остава зад себе нешто што може да се дефинира само како трајно богатство. Оној што не е потрошен и што вреди повеќе од милијарда и пол долари, колку што е вредноста на неговата империја.
„Постојат куќи што дефинираат епохи. Други одат подалеку и ги надминуваат.“ Од своите почетоци во Рим кон крајот на педесеттите години, Валентино остана постојана референца за убавина, моќ и софистицираност.
Неговото име е постојан синоним за романтика, луксуз и прецизност, а неговата етикета беше посакувана од принцези, филмски диви и сите жени кои ја гледаат модата како израз на сопствениот идентитет, како свое второ јас. Доволно е да се каже дека една од првите познати личности што ги облече беше вечната икона на стилот Џеки Кенеди.
Валентино Гаравани влезе во приказната со јасна визија, да ја сублимира и воздигне женственоста преку класично инспирирана елеганција. Од самиот почеток, неговата работа се карактеризираше со елитна софистицираност, благодарение на визуелниот јазик дефиниран со чисти линии, волумен, спектакуларен вез и мајсторска употреба на бои, особено црвена, што остана негов заштитен знак.
Милијарда и пол долари во овој момент. Тој беше задолжен за креативниот дел, а неговиот партнер Џанкарло Џамети беше „мастермајндот“. Тој толку добро разбирал како функционира пазарот што дизајнерот му ги препуштил сите конци во рацете нему. Не погрешил. Сè произлезе од нивната лична „фабрика за соништа“: од луксузни тоалети што се „шетаа“ на Оскарите и други гламурозни настани, до сјајни чевли, чанти, парфеми и сè друго што носи профит во таа област.
Својата последна ревија за висока мода Гаравани ја постави во Париз во 2008 година, а потоа се пензионираше. Оттогаш, брендот го управуваат катарската компанија „Мејхула за инвестиции“ (70%) и француската група „Керинг“ (30%, со опција за купување на остатокот до 2029 година).

Валентино живеел како стар европски аристократ. Тој бил голем естет, поддржувач на класиката и елеганцијата, и колку и да била импресивна неговата креативност, неговото портфолио на недвижности било толку извонредно. Листата, меѓу другото, вклучува вила во Рим во близина на Шпанските скали, куќа од 19 век во Лондон, пентхаус на Менхетен, замок од 17 век во близина на Париз, колиба во Гштад на Швајцарските Алпи... Секоја резиденција ја уредувал на различен начин, а секоја имала посебна приказна и место во неговото срце. Колку вреди сето тоа? Вкупно – 350 милиони долари. Не сметајќи ги уметничките колекции, кои исто така страсно ги собирал.
Како докажан филантроп, тој остави неколку значајни простори во Италија кои не му донесоа профит туку му ја исполнија душата. Меѓу другото, во 1990 година ја основа Академијата „Валентино“, културна институција во Рим посветена на одржување изложби и хуманитарни настани. Со културниот капитал кој не е нужно наменет за елитата, тој го зајакна и угледот на брендот.
Преку фондацијата што ја основа со Џамети тој ја поддржа уметноста, образованието, зачувувањето на италијанското културно наследство и разни иницијативи поврзани со она што му беше најблиска специјалност, модата и дизајнот. Иако не зборуваше за тоа, бидејќи неговата филантропија не беше гласна, тој префрлил десетици милиони долари во хуманитарни цели. Без публицитет.

Валентино, кој немал деца, сигурно размислувал за тоа во претходните години. Џанкарло Џамети, неговиот доживотен деловен партнер кој е најзаслужен за основањето на брендот, одиграл централна улога во управувањето со имотот. Тие сè стекнале заедно, а тој веројатно ќе поседува барем половина од тоа.
Брус Хаксам, со кого го делел животот речиси четири и пол децении, веројатно ќе добие голем дел од „колачот“. Почнал како модел, а подоцна се искачил на позицијата потпретседател на куќата, а во меѓувреме го основал и луксузниот бренд „VBH“. Валентино имал и сестра, Ванда, која исто така држела високи позиции во компанијата. Таа починала во 1997 година. Ја надживеале двајцата синови, а се претпоставува дека и тие се споменати во тестаментот.
Сепак, деталите за наследството и распределбата на средствата засега не се достапни за јавноста. Валентино Гаравани сигурно остава зад себе многу повеќе од банкарска сметка, која, без оглед на висината никогаш не ја засенила креативноста на харизматичниот креатор. И тоа е трајно богатство, кое не може да се мери со пари и злато и кое не може да се потроши.