Кристен Стјуарт открива зошто ја напушта глумата: Разоткриена мрачната страна на Холивуд?

Точка

26/01/2026

13:29

1.675

Големина на фонт

а а а

Кристен Стјуарт отворено проговори за причините поради кои постепено се оддалечува од актерството и сè повеќе се насочува кон режијата. Како клучен мотив го посочи начинот на кој Холивуд се однесува кон жените, истакнувајќи дека зад камерата се чувствува далеку попочитувана отколку пред неа.

Во пресрет на премиерата на својот режисерски деби-филм „Хронологија на водата“ (The Chronology of Water), 35-годишната актерка во интервју за „Сандеј тајмс“ (The Sunday Times) искрено зборуваше за фрустрациите што ги доживеала во филмската индустрија.

„Актерките ги третираат како отпад, морам да бидам искрена“, изјави Стјуарт.


Таа додаде дека често постои перцепција оти глумата може да ја работи секој, но дека првиот пат кога седнала да зборува за свој проект како режисерка, почувствувала сосема поинаков однос.

„Одеднаш разговараа со мене како со личност што има мозок“, рече таа.

Ѕвездата на „Самрак“ нагласи дека режисерите, особено мажите, автоматски уживаат поголема почит, што според неа е дел од длабоко вкоренета нерамнотежа во индустријата.

Таа се осврна и на митовите поврзани со таканаречената „методска глума“, за која смета дека најчесто се користи за возвишување на машките актери, додека трудот на жените се минимизира.

„Нема ‘методски глумици’, затоа што тоа често е чиста акробатика – се прави подвиг од нешто што во суштина не е“, истакна Стјуарт, додавајќи дека глумата е пред сè претворање, а не физичка демонстрација.


Зборувајќи за родовата пристрасност, таа сподели и искуство од разговор со машки колега, кој станал дефанзивен кога се отворила темата за нееднаквоста.

„Ми рече дека никогаш не запознал глумица која не била ‘луда’. Порано тоа ќе ме засрамеше, но денес само продолжив да зборувам. Добро е да старееш – полесно наоѓаш внатрешен мир“, рече таа.

Во моментов, Стјуарт е целосно посветена на режијата. Нејзиниот филм „The Chronology of Water“ е инспириран од мемоарите на американската писателка Лидија Јукнавич и обработува теми како траума, телесна автономија и женско самоизразување. Во филмот играат Имоген Путс, Мајкл Еп, Тора Брич и Ерл Кејв.

„Да бев маж, овој филм немаше да постои“, изјави Стјуарт, нагласувајќи дека жените секојдневно се принудени да ја негираат сопствената физичност. Таа додаде дека постојат многу искуства – како породувањето – кои се болни, но истовремено и убави, а за кои ретко се зборува бидејќи се сметаат за непријатни.