Американската актерка Марго Роби се појави со навистина вредно модно парче на премиерата на филмот „Оркански височини“ (Wuthering Heights) во Лос Анџелес. Имено, холивудската ѕвезда го носеше легендарниот ѓердан „Таџ Махал“, кој некогаш ѝ припаѓаше на филмската икона Елизабет Тејлор.
Како што потврди тимот кој што го негува наследството на Тејлор, ѓерданот бил подарок од нејзиниот тогашен сопруг Ричард Бартон во 1972 година, по повод нејзиниот 40. роденден. Накитот има длабока романтична и историска симболика – дијамантот носи натпис „Љубовта е вечна“ и е поврзан со приказната за индискиот владетел Шах Џахан и неговата сопруга Мумтаз Махал, во чија чест е изграден Таџ Махал.

Марго Роби го искомбинира впечатливиот ѓердан со прилепена креација од модната куќа „Скјапарели“, со корсет од нежна тантела и драматичен црно-црвен долен дел налик на цветни ливчиња. Изгледот го надополни со дијамантски обетки по нарачка и прстен од „Фред Лејтон“.


На црвениот тепих, актерката изјави дека заедно со својот стилист Ендру Мукамал секогаш се трудат изборот на облека и накит да биде „намерен“.


„Овој ѓердан има неверојатна историја и силна романтична енергија, па совршено се вклопи со фустанот“, рече таа.

Во филмската адаптација на романот „Оркански височини“ на Емили Бронте, Роби го игра ликот на Кетрин, а актерот Џејкоб Елорди го глуми нејзиниот партнер Хитклиф.







