Дигестивните проблеми често се поврзуваат со стрес, нередовна исхрана или минливи здравствени проблеми. Сепак, кога одредени симптоми се повторуваат и траат подолг период, тоа може да укажува на посериозни нарушувања, вклучувајќи хронични воспалителни болести на цревата.
Овие состојби не влијаат само врз дигестивниот систем, туку можат да го зафатат целиот организам. Еден од почестите знаци е постојан замор и чувство на исцрпеност, дури и по одмор. Телото во такви ситуации троши повеќе енергија, а истовремено послабо ги апсорбира хранливите материи, што може да доведе до слабост и анемија, пишува „Klix“.
Губење на телесна тежина без очигледна причина и намален апетит исто така може да бидат присутни. Овие симптоми често се придружени со болки во стомакот, чувство на непријатност по оброк и различни дигестивни проблеми. Кај некои лица може да се појави и благо покачена телесна температура што трае без јасна причина.

Промените можат да се одразат и на други делови од телото. Болки во зглобовите, особено во колената и глуждовите, може да се јават без претходна повреда. Дополнително, можни се и кожни промени, болни ранички во устата, ноќно потење, како и проблеми со очите, како што се црвенило и чувствителност на светлина.
Посебно внимание треба да се посвети на промените во столицата. Тие не мора секогаш да вклучуваат присуство на крв, туку може да значат промена во зачестеноста на празнењето, поинаква конзистенција, појава на слуз или ненадејна и итна потреба за одење во тоалет.

Упорните и повторливи дигестивни тегоби, дури и кога изгледаат безопасно, не треба да се занемаруваат. Навремената реакција може да помогне во спречување компликации и зачувување на нормалното секојдневно функционирање.









