[ФОТО] Најубавата велосипедска патека на светот свети во темница! Инспирирана е од ремек-делото на познатиот холандски сликар

Точка

17/02/2026

15:06

444

Големина на фонт

а а а

Возењето велосипед понекогаш може навистина да биде вистинска магија. Такво искуство можете да доживеете во Холандија, во Ајндховен. Ако се има предвид дека до тој град лета и Wizz Air од Скопје и дека патувањето до него е буквално на дофат на раката, оваа интересно осмислена велосипедска патека дефинитивно заслужува неколку зборови.

Сепак, кога ќе имате прилика, во секојдневниот живот, да „скокнете“ во Ѕвездената ноќ на Ван Гог?

Патеката се наоѓа на истокот од Ајндховен

Велосипедската патека на Ван Гог се наоѓа на истокот од Ајндховен, помеѓу ветерницата Опветен во Нуенен и ветерницата Колен во Ајндховен. Двете локации биле еден од мотивите на Винсент ван Гог, кој во тој крај поминал дел од својот живот, од 1883 до 1885 година.


Дел од неговото уметничко наследство на необичен начин оживува секојдневно во самрак, со зајдисонцето и доаѓањето на темнината. Тогаш велосипедската патека се претвора во интересна комбинација на бои и светла, во необична верзија на една од најпознатите слики на тој славен сликар.

Спој на културното наследство и иновацијата

Патеката оживеа благодарение на спојот на добра уметничка идеја и иновативност. Имено, зад неа стојат уметникот Даан Роосегарде кој ја осмислил оваа необична светлосна инсталација, и компанијата „Heijmans“, која помогнала со технологијата. Благодарение на оваа соработка, велосипедската патека светка со светло од илјадници светлечки камчиња.


„Сакав да создадам место кое луѓето ќе го сметаат за неверојатно, технологијата во комбинација со искуството – тоа е она што за мене значи техно-поезија“, истакнал овој уметник, наведуваат на страниците на Музејот „Van Gogh Village“. На страниците на „Studio Roosegaarde“, пак, се наведува дека патеката „го слави културното наследство и го поврзува со иновацијата“.

Камчиња премачкани со специјален премаз

Велосипедската патека била поставена, односно „отворена“, во 2012 година по повод одбележувањето на 125-годишнината од смртта на Винсент ван Гог. „Роосегарде поставил камчиња покриени со специјален паметен премаз кој за време на денот ја апсорбира сончевата светлина и светка со часови по зајдисонцето. Таквото обработено камење потоа е цементирано во вртлози и спирали, како на сликата на Ван Гог“, пренесува, на пример, „Atlas Obscura“. Кога камењата се „наполнети“, светкаат во сино-зелени нијанси.


Инспиративно место кое поттикнува туризам

Оваа велосипедска и пешачка патека, наведуваат во „Studio Roosegaarde“, претставува место на инспирација кое истовремено ја зајакнува безбедноста и поттикнува туризам. Станува збор, велат, за велосипедска патека за која досега најмногу се пишувало и која продолжува да го привлекува вниманието на посетителите на Ајндховен.


Исто така, објаснуваат, таа е и дел од проектот „Smart Highway“, одржливи и интерактивни патишта на иднината на кои работат Даан Роосегарде и „Heijmans Infrastructure“.


Целта на овој проект се паметни патишта кои користат светлина, енергија и информации за интеракција со луѓето.