Важно предупредување: Необичен симптом бил показател за мозочен удар, човек за малку го избегнал најлошото

Точка

17/02/2026

18:01

926

Големина на фонт

а а а

Човек доживеал хеморагичен мозочен удар, но немал ниту еден од типичните показатели што обично се поврзуваат со оваа итна здравствена состојба.

Маж кој преживеал мозочен удар откако забележал само еден, наизглед необичен знак, апелира до сите да обрнат внимание и на помалку познатите симптоми што можат да спасат живот. Гордон Роб (63) од шкотскиот Мидлотијан доживеал хеморагичен мозочен удар, но немал ниту еден од типичните показатели што најчесто се поврзуваат со оваа итна состојба.

Најчести, но и скриени знаци

Многумина го знаат тестот „FAST“ – кратенка што предупредува на опуштено лице, слабост на раката, отежнат говор и потреба веднаш да се реагира. Според податоците на „Centers for Disease Control and Prevention“, доколку лицето не може нормално да се насмее, ако едната рака му паѓа или зборува неразбирливо, неопходно е итно да се повика помош.

Кај Роб, меѓутоа, ситуацијата била сосема поинаква. Неговиот единствен симптом бил ненадејна загуба на способноста да чита.

Како што раскажал за „Newsweek“, се вратил од градината, си сварил чај, пуштил музика и го зел телефонот за да ги провери мејловите. Во тој момент сфатил дека ги гледа буквите и знае кој му пишува, но зборовите едноставно – немале значење.

Помислил дека е уморен бидејќи претходната вечер легнал доцна. Кога ни подоцна ништо не се променило, отишол да спие надевајќи се дека проблемот ќе исчезне до утрото. Клучен бил разговорот со роднина чиј сопруг неодамна починал од ненадеен мозочен удар. Таа инсистирала веднаш да одат во болница, каде што била потврдена дијагнозата – хеморагичен мозочен удар.


Неочекуван ризик

Овој вид удар настанува поради крварење во мозокот и сочинува околу 15 проценти од сите случаи, додека останатите најчесто се последица на затнување на крвен сад. Роб, кој е во добра физичка форма и претходно дури пешачел до базниот камп „Mount Everest Base Camp“, вели дека се чувствува исклучително среќен што немал потешки последици.

Тој нагласува дека знаел за вообичаените симптоми, но кај него ниту еден не се појавил. Дури и студентите по неврологија кои дошле да го видат признале дека и за нив дијагнозата би била предизвик.

„Да не побарав помош, ќе шетав со темпирана бомба во главата“, изјавил тој.


Потрага по побезбедни терапии

Денес учествува во клиничко истражување што го спроведува „University of Edinburgh“. Научниците испитуваат дали лекови како аспирин или клопидогрел, кои го намалуваат згрутчувањето на крвта, можат да го намалат ризикот од нови мозочни и срцеви удари кај луѓе кои веќе преживеале хеморагичен удар.

Ваквата терапија обично се избегнува поради страв од повторно крварење, но претходни испитувања покажале дека би можела да биде безбедна. Професорот Рустам Ал-Шахи Салман истакнал дека резултатите дале големо охрабрување и отвориле простор за понатамошни истражувања.


Слушајте го сопствениот инстинкт

Во студијата учествуваат илјадници луѓе ширум светот, а Роб вели дека му значи помислата дека на тој начин може да им помогне и на други во иднина.

Д-р Соња Бабу-Нарајан од „British Heart Foundation“ потсетува дека „FAST“ ги опфаќа најпознатите знаци, но постојат и поретки – како неможноста да се разберат напишани зборови.

Пораката на стручњаците е јасна: ако почувствувате дека нешто не е во ред, без разлика колку симптомот изгледа чудно или безопасно, веднаш побарајте помош. Кај мозочниот удар секоја минута може да биде пресудна.