„НАСА“ го испраќа првиот човечки екипаж околу Месечината по 50 години

Точка

20/02/2026

22:19

277

Големина на фонт

а а а

„НАСА“ планира на 6 март да ја лансира мисијата „Artemis II“, првата мисија со човечка посада која по повеќе од 50 години ќе тргне на патување околу Месечината. Воедно, тоа ќе биде и најдалечното патување на луѓе во вселената. Четворица астронаути ќе полетаат на десетдневно патување околу подалечната страна на Месечината и назад, со што се отвора патот за идни слетувања на површината на Месечината, пишува „BBC“.

Успешна генерална проба

Датумот на лансирање е одреден по успешно спроведената „мокра генерална проба“ – клучен тест пред лансирање во кој ракетата се полни со гориво и се минува низ целосното одбројување. Тоа беше втора ваква проба на тимот „Artemis“ во Вселенскиот центар „Kennedy“ во Флорида.

Првиот обид, одржан на почетокот на февруари, беше прекинат поради истекување на водородно гориво на лансирната рампа. На прес-конференција Лори Глејз од „НАСА“ потврди дека проблемите, вклучувајќи ги и оние со заптивките и филтрите, сега се решени.

„Вчера во предвидениот рок успеавме целосно да ја наполниме ракетата SLS со гориво и успешно ја спроведовме симулацијата на одбројување до лансирање“, изјави таа.


Екипажот и леталото

Екипажот на мисијата „Artemis II“ го сочинуваат тројца Американци – Рејд Вајзман, Виктор Гловер и Кристина Кох – како и Канаѓанецот Џереми Хансен. Патувањето ќе започне со огромната ракета на „НАСА“, „Space Launch System“ („SLS“), висока 98 метри. Ракетата досега летала само еднаш, во ноември 2022 година, за време на мисијата „Artemis I“, но тогаш без екипаж.

Астронаутите ќе бидат сместени во капсулата „Orion“ на врвот на ракетата. Внатрешноста на леталото, со големина на минибус, ќе биде нивниот дом во следните десет дена, каде што ќе живеат, јадат, работат и спијат.


План за десетдневното патување

Првиот ден од мисијата ќе го поминат во орбитата на Земјата. Доколку сите системи функционираат правилно, ќе тргнат кон Месечината. Патувањето до Месечината ќе трае околу четири дена, а леталото ќе ја обиколи нејзината подалечна страна, онаа што никогаш не ја гледаме од Земјата.

Ќе летаат на височина меѓу 6.500 и 9.500 километри над површината на Месечината, а неколку часа ќе бидат посветени на проучување и фотографирање на Месечината. По прелетот ќе започне четиридневното враќање кон Земјата. Мисијата ќе заврши со слетување на капсулата во Тихиот Океан.