Родено првото бебе од матка на починат донор

Точка

24/02/2026

14:58

315

Големина на фонт

а а а

Во Велика Британија е родено првото бебе чија мајка примила матка од починат донор, соопшти денеска медицинскиот тим.

Момчето Хуго Ричард Норман Пауел е родено во декември во болницата „Queen Charlotte and Chelsea“ во Лондон, со тежина од 3,1 килограми.

Мајката, Грејс Бел, која е родена со Мајер-Рокитански-Кустер-Хаузеров синдром (MRKH) – ретка состојба што доведува до неразвиена или отсутна матка – им се заблагодари на лекарите и го опиша настанот како „чудо“ и „најубавиот момент во животот“, пренесува „GB News“.

Хуго е второто бебе во Британија родено по трансплантација на матка, но прв случај во кој е користена матка од починат донор.

Неговото раѓање следува по првата трансплантација на матка во Велика Британија во 2023 година, кога Грејс Дејвидсон, уште една пациентка со MRKH, примила матка од својата постара сестра Ејми, како донација од жив донор.

Трансплантациите од починати донори се изведуваат само кога семејствата на починатите посебно се прашуваат дали сакаат да донираат матка.

Матката не е опфатена со вообичаената согласност за донирање органи, ниту со уписот во регистар на донори, и не спаѓа во претпоставката дека лицата сакаат да донираат, освен ако изречно не се изјаснат за тоа.


Досега во Европа се пријавени само два слични случаи.

Организацијата „Womb Transplant UK“ досега извршила пет трансплантации на матка во Велика Британија, од кои две од живи донори и три од починати, а веќе се родени две бебиња.