Во северна Италија, во Ломбардија, меѓу реките Ада и Брембо, се наоѓа Креспи д’Ада – историска населба што изгледа како мотив од разгледница од индустриската ера.
Овој дел од „Чизмата“ претставува еден од најцелосно сочуваните примери на фабрички градови.
Освен тоа, потсетува на периодот во текот на 19 и почетокот на 20 век, кога индустријалците подигнувале градови низ Европа за да им обезбедат на работниците сместување и основни содржини. Италијанското гратче го препознал и УНЕСКО, впишувајќи го на Листата на светско наследство токму поради неговата исклучителна зачуваност – останало речиси недопрено, а дел од зградите и денес се користат.

Приказната започнала во 1875 година, кога производителот на текстил Кристофоро Бенињо Креспи купил околу еден километар речен појас во долината на Ада, јужно од местото Каприате, со идеја да изгради фабрика за преработка на памук. Во фабриката ја вовел тогаш најсовремената технологија, а покрај индустрискиот погон почнал да гради и населба за работниците.

Покрај куќите, вработените имале училиште, амбуланта, театар, спортски содржини, продавници, црква и гробишта. Идејата била јасна – работникот таму не доаѓа само да преживее, туку да живее. Сопствениците на фабриката, пак, имале посебно место и живееле во замок.

Подем и пад
Креспи д’Ада е интересен и како лекција по урбанизам. Населбата е проектирана геометриски правилно, како решетка. Една главна улица ја дели индустриската зона од станбената, а куќите се распоредени во низи и блокови.

Подоцна, кога управувањето го презел синот на Кристофоро, Силвио Бенињо Креспи, почнале да градат семејни куќи со градини. Креспи д’Ада било и едно од првите работнички населби во Италија со модерно електрично јавно осветлување, благодарение на хидроцентралата која ја снабдувала со енергија фабриката и селото.

По големата економска криза во 1929 година и политичко-економските притисоци од тоа време, семејството Креспи постепено ја изгубило контролата над населбата. Од 1970-тите години многу куќи преминале во приватна сопственост. Индустриската активност со текот на времето ослабела, но дел од погоните биле обновени, а денес во фабриката сè уште се работи – често се споменува дека меѓу вработените има потомци на првичните работници.

Креспи д’Ада нуди ретка можност да се види како изгледала една целосно планирана работничка заедница од времето кога индустријата ги обликувала животите и градовите, па ако се најдете во тој дел од „Чизмата“, задолжително посетете го.














