Лекарка по општа медицина откри пет симптоми на кои секој треба да обрне внимание по 40-та година од животот, а кои можат да укажуваат на посериозни здравствени проблеми.
Д-р Рим Хасан, која работи за британскиот јавен здравствен систем, истакнува дека одложувањето на преглед често произлегува од несигурност, а не од негрижа, и ги повикува луѓето во средни години да не ги занемаруваат знаците што им ги испраќа телото.
Постојан замор и исцрпеност
Чувството на непрекината исцрпеност не е нормален дел од стареењето. Ако заморот трае со недели, може да биде поврзан со недостаток на железо, нарушување на работата на тироидната жлезда, апнеја при спиење, депресија, долготрајно воспаление или, во поретки случаи, посериозна болест. Упорниот замор што не поминува неколку недели секогаш бара лекарска проценка.

Необјасниво губење на тежината
Губењето на телесна тежина што не сте го планирале никогаш не смее да се игнорира. Можни причини вклучуваат зголемена работа на тироидната жлезда, дијабетес, дигестивни нарушувања, инфекција или рак. Ако во период од шест до 12 месеци необјасниво изгубите повеќе од пет проценти од телесната тежина, задолжително обратете се кај вашиот лекар.
Упорна или нова болка
Упорната болка, особено во градите, стомакот, грбот или коските, не треба да се трпи. Иако многу причини се безопасни, трајната болка може да укажува на срцеви заболувања, проблеми со жолчното ќесе, артритис, фрактури или, во некои случаи, рак. Ако болката без јасна причина трае подолго од три недели, време е за преглед.
Промени во работата на цревата и мочниот меур
Новонастанат запек, дијареја, односно секоја трајна промена во празнењето на цревата, како и крв во столицата, често мокрење или тешкотии при мокрење, секогаш бараат проценка. Причината може да бидат бенигни состојби како хемороиди или инфекции, но може да укажуваат и на заболувања на цревата, проблеми со простатата или рак.

Проблеми со помнењето
Повремената заборавеност е нормална, но влошување на помнењето, збунетост или промени во размислувањето што го нарушуваат секојдневниот живот се причина за загриженост. Причините варираат од стрес и лош сон до недостаток на витамини, заболувања на тироидната жлезда, инфекции или невролошки состојби. Раната проценка е клучна за понатамошни испитувања, лекување и, на крај, спокојство.
Многумина ги игнорираат симптомите и до 14 месеци
Д-р Хасан овие совети ги сподели како дел од кампањата „Signs of Clarity“ на компанијата „Vista Health“, чија цел е да им помогне на луѓето во средни години да ги препознаат раните предупредувачки знаци. Истражување спроведено за кампањата покажало дека 54 проценти од возрасните првично ги игнорирале симптомите, во просек дури 14 месеци, а 77 проценти од нив доживуваат симптоми што се повторуваат. Најчести проблеми се тешкотии со спиењето (29%), болки во зглобовите (27%), постојан замор (26%), необјасниви болки (19%) и дигестивни нарушувања (17%).

„Одложувањето на одењето на лекар често произлегува од несигурност, а не од негрижа“, објасни д-р Хасан. „Луѓето се грижат дека непотребно ќе му го трошат времето на матичниот лекар, но таквото двоумење може да има сериозни последици. Во некои случаи може да биде кобно, а во други значи подолг живот со болка или симптоми што го нарушуваат квалитетот на животот, како мускулно-скелетни проблеми што ја ограничуваат способноста за работа или извршување на секојдневните активности“.
„Ако симптомот е упорен, се влошува или едноставно ви се чини дека нешто не е во ред, посетете го вашиот лекар. Верувајте им на своите инстинкти, вие најдобро го познавате своето тело и слушајте ги сигналите што ви ги испраќа. Редовните самопрегледи се еден од најмоќните начини за рано откривање на проблемите“, заклучи д-р Хасан.













