Баварија: Откриено најстарото светилиште на богот Митра од периодот на антички Рим

Точка

04/03/2026

20:40

321

Големина на фонт

а а а

Германски археолози во старото јадро на Регенсбург откриле остатоци од антички храм посветен на богот Митра, кој, според процените, го користеле римски легионери.

Наодите укажуваат дека станува збор за најстарото досега познато светилиште во поранешната римска провинција Реција, на територијата на денешна Баварија.

За време на истражувањата пред планираниот градежен проект, експертите пронашле остатоци од дрвена градба, „заветен камен“ со натпис и фрагменти од метални заветни плочки, што недвосмислено потврдува дека објектот служел како место за богослужба, пренесе „Јуроњуз“.

Пронајдени се и делови од керамички садови украсени со мотиви на змии, кадилници и бокали со рачки, што, според мислењето на археолозите, сведочи дека ритуалните гозби биле составен дел од култот на богот Митра.

Врз основа на пронајдените монети, вклучувајќи и примероци од времето на царот Адријан, храмот е датиран на периодот меѓу 80 и 171 година од нашата ера, со што станува најстар од деветте досега познати таканаречени митреи во римската провинција Реција.


Како што објаснил археологот Штефан Ројтер за Баварскиот јавен сервис, храмот бил изграден како издолжена дрвена градба, делумно вкопана во земјата, по пример на пештера, бидејќи митологијата опишува дека Митра го убил бикот во пештера.

Верниците до светилиштето најверојатно се спуштале по рампа, а долж страничните ѕидови се наоѓале издигнати платформи за седење или лежење.

Култот на Митра, познат и како митраизам, бил мистериозна религија особено распространета во воените и трговските центри на Римското Царство.

Припадниците биле исклучиво мажи, а заедниците обично броеле меѓу 15 и 40 членови.

Во стара Персија, Митра бил бог на заветот, лојалноста и правдата, додека Римјаните го поистоветиле со богот на Сонцето.

Централниот мотив на митраизмот била таканаречената тауроктонија, приказ на Митра како убива бик како чин на космичко обновување.

Култот имал седум степени на иницијација, меѓу кои биле Коракс (гавран), Милес (војник) и Патер (татко), секој со свои посебни симболи и обреди.