Спуштен капак и неподнослива главоболка: Внимание, лекарите предупредуваат на два алармантни знаци на мозочна аневризма

Точка

05/03/2026

15:36

493

Големина на фонт

а а а

Едниот знак се забележува на окото, а другиот е ненадејна болка која се засилува за неколку секунди.

Аневризмата претставува проширување (испакнување) на крвен сад во мозокот, а доколку пукне, може да дојде до внатрешно крварење. Иако повеќето аневризми се мали и не предизвикуваат симптоми и често се откриваат случајно, постојат важни предупредувачки знаци, истакна доктор Чен, познат и како доктор Бинг на „TikTok“.

Спуштен капак

„Првиот знак е комбинација од симптоми која може да се забележи кај одреден вид мозочна аневризма. Тоа вклучува спуштен капак на едното око, проширена зеница на истата страна, како и отежнато движење на окото, проследено со заматен и двоен вид“, изјави докторот и додаде:

„Ова може да биде предупредување дека голема аневризма се наоѓа во задната комуникантна артерија, важен крвен сад во мозокот, и дека врши притисок врз третиот мозочен нерв. Ако ова се забележи навреме, можеме да интервенираме и потенцијално да спасиме живот“, додаде тој.


Главоболка

Ненадејна и исклучително силна главоболка е уште еден можен знак на аневризма.

„Вториот знак е силна главоболка. Тоа е болка во главата која за само неколку секунди до една минута достигнува интензитет 10 од 10. Ова може да биде знак дека аневризмата токму во тој момент пука или е во рана фаза на пукање“, објасни доктор Бинг.

Фактори на ризик

Доктор Бинг наведе и некои од главните фактори на ризик за мозочна аневризма.

„Многу аневризми имаат генетска компонента. Затоа, ако во семејството имате историја на мозочни аневризми, важно е да разговарате со лекар за контрола. Постојат и работи што сите можеме да ги направиме за да го намалиме ризикот, како што се престанок со пушење, избегнување прекумерна консумација на алкохол и одржување на крвниот притисок под контрола“, советува докторот.


Кога треба да повикате итна помош?

Британската Национална здравствена служба („NHS“) наведува дека итна помош треба веднаш да се повика ако вие или некој друг одеднаш почувствува исклучително силна главоболка која не поминува.

Итно е и ако се појави слабост на лицето, на пример кога едната страна „виси“ и го отежнува насмевнувањето, како и слабост или вкочанетост во раката или на едната страна од телото. Алармантни знаци се и проблеми со говорот, како нејасен говор или тешкотии да се пронајдат соодветни зборови, како и заматен вид или губење на видот на едното или на двете очи.