Шпекулациите за здравјето на Доналд Трамп се засилија откако 79-годишниот американски претседател се појави во Белата куќа оваа недела со интензивен црвен осип по десната страна на вратот.
Иритацијата беше видлива додека тој даваше изјава за војната против Иран, што поттикна дебата на интернет за неговото здравје и можното лекување.
Како одговор, неговиот лекар Шон Барбабела објави соопштение во кое се наведува дека станува збор за реакција на превентивниот крем.
„Претседателот Трамп нанесува вообичаен крем на десната страна од вратот, што е превентивен третман препишан од неговиот лекар. Претседателот го користи овој третман една недела и се очекува црвенилото да потрае неколку недели“, се вели во соопштението на Белата куќа.
Иако дијагнозата не е потврдена, на социјалните мрежи се појавија различни теории, од контактен дерматитис предизвикан од хемикалии за чистење костуми до розацеа, состојба од која е потврдено дека страда Трамп. Некои ја споменаа и можноста за херпес зостер, болен осип предизвикан од вирусот на варичела.

Дерматолозите се огласија
Меѓутоа, дерматолозите веруваат дека најверојатното објаснување е актинична кератоза, честа состојба на кожата поврзана со изложување на сонце што во некои случаи може да се развие во рак.
„Овој црвен и многу воспален осип на десната страна од вратот секако може да биде последица на лекувањето за актинична кератоза, претканцерозна состојба на кожата предизвикана од оштетување од сонцето“, рекол за „Дејли мејл“ д-р Пол Фарант, дерматолог и директор на компанијата „Експерти за кожа и коса“.
Што е актинична кератоза?
Актиничните кератози, познати и како соларни кератози, се суви и лушпести дамки на кожата предизвикани од долготрајно изложување на сонце. Најчесто се појавуваат на лицето, темето, ушите, вратот, надлактиците и подлактиците. Состојбата е исклучително честа и погодува околу една четвртина од луѓето постари од 60 години.

Дамките обично се со дијаметар од еден до два сантиметри, можат да бидат со боја на кожа, розови, црвени или кафеави и често се груби на допир.
Според британската Национална здравствена служба (НХС), состојбата обично не е сериозна, но постои мал ризик дамките да се развијат во сквамозен карцином, вид рак на кожата. Ако станува збор само за една дамка, лекарите често советуваат следење, но ако има повеќе или предизвикуваат болка и чешање, се препорачува лекување.









