Софија Вергара ги претвори улиците на Париз во своја лична модна писта појавувајќи се во смела модна комбинација. 53-годишната актерка престојува во француската престолнина по повод Модната недела, каде што присуствуваше на забава во хотелот „Costes“, пишуваат странските медиуми.
За таа пригода облече виолетов чипкан корсет со длабоко деколте и проѕирни делови кои ја откриваа структурата на корсетот. Сензуалниот топ го искомбинира со кожно макси здолниште во потемна нијанса на виолетова боја. Целокупниот изглед го заокружи со салонки со отворени прсти и дискретен ѓердан во форма на срце.

Својата бујна кафеава коса ја носеше пуштена и елегантно испеглана, додека со шминката постигна суптилен гламур, нагласувајќи ги очите со кафеав „smokey eye“, додавајќи и малку руменило и кармин во неутрална, беж нијанса.
Чипканиот корсет на актерката е дел од поширок моден тренд на носење долна облека како облека, кој доминира на модните писти во последните сезони. Овој популарен стил продолжува да ја брише границата меѓу интимната долна облека и вечерната облека.

Бјути рутината на Софија
Познатата актерка претходно зборуваше и за тоа како нејзината бјути рутина се менувала со годините, особено кога станува збор за заштитата на кожата. Во интервју за „Byrdie“ истакна дека денес многу повеќе внимание посветува на кремата со заштитен фактор – и тоа не само на лицето, туку и на рацете, вратот и деколтето. Додаде и дека кремата со SPF секогаш ја чува во автомобилот. „Сфаќаш колку си изложен на сонце дури и додека седиш во сообраќај“.
Вергара призна и дека отсекогаш ја сакала негата на кожата и шминката, ги следела трендовите и барала нови производи уште од детството, а навиката редовно да користи заштитен фактор ѝ останала една од најважните бјути лекции.











