Ливерпул не ја оправда улогата на фаворит во соочувањето со Тотенхем, екипа која е во најлоша форма во овој дел од сезоната во Премиер лигата.
„Црвените“ водеа со 1-0 до 90 минута кога по одличната соработка на Коло Муани и Ришарлисон, Бразилецот успеа да го матира сонародникот Алисон и да донесе важен бод за „петлите“ во битката за опстанок во елитната англиска конккуренција.
Актуелниот првак со ова уште еднаш само потврди дека е далеку од тимот од минатата кампања, а дека мора некои работи да се променат порача Доминик Собослаи, авторот на погодокот на „Енфилд Роуд“ и играч кој е најконстантен во екипата во натпреварувачката 2025/2026.
- Мора да се разбудиме. Ако продолжиме вака, следната сезона треба да бидеме среќни ако играме во Конференциската лига. Тие треба да останат зад нас бидејќи минатата сезона, кога бевме шампиони четири натпревари пред крајот, сите беа среќни. Поддржете нè сега кога сме во тешки времиња.
- Во првото полувреме игравме многу добро. Го контролиравме целиот натпревар, тие едвај создадоа шанси. Второто полувреме, не знам, едноставно не ги правиме истите работи како во првото полувреме. Прашањето е зошто? Ќе седнеме заедно. Ова е најтешкиот период. Мора да се држиме заедно, -истакна Унгарецот кој даде коментар и за свирежите на публиката.
- Не ги слушнав свирежите, но можам да разберам бидејќи минатата сезона станавме шампиони, а оваа сезона не играме на начинот на кој треба. Тие треба да останат зад нас. Поддржете нè сега кога сме во тежок период, - порача Собослаи.








