По неколку дена гласини и шпекулации на социјалните мрежи дека е „мртов или ранет“, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се појави на прес-конференција и првото нешто што го кажа беше: „Жив сум и сите вие сте сведоци дека е така“, пренесува Би-би-си.
Со денови се ширеа гласини дека Нетанјаху е убиен или ранет во еден од иранските напади, неговите последни видеа беа детално анализирани на социјалните мрежи, некои дури тврдеа дека станува збор за двојник или видеа направени со алатки за вештачка интелигенција.
Но, тој се појави на прес-конференцијата и ги одврати таквите коментари, пренесуваат светските медиуми.
Нетанјаху, според написите, меѓу другото, ги отфрли тврдењата дека Израел ја вовлекол Америка во војната, што го кажа поранешниот шеф на американската служба за борба против тероризмот, Џо Кент.
Премиерот на Израел ги потврди зборовите на американскиот претседател Доналд Трамп дека Израел „дејствувал сам“ во нападот врз иранското гасно поле Јужен Парс, најголемото во светот.
Поради овој напад, тензиите на Блискиот Исток растат, а како одговор Иран таргетираше гасно поле во Катар, што го натера Трамп да му се закани на Техеран дека ќе го „разнесе“ Јужен Парс.
Нападите доведоа до скок на цените на енергијата, а Трамп подоцна објави дека не бил информиран дека Израел ќе нападне иранско гасно поле.
Пред прес-конференцијата на Нетанјаху, новинската агенција Ројтерс цитираше тројца неименувани израелски функционери кои изјавија дека нападот врз Јужен Парс бил однапред координиран со САД, но дека не биле изненадени од реакцијата на Трамп.
Нападите врз енергетската инфраструктура означија ескалација на војната што САД и Израел ја започнаа против Иран, кој веќе одговори со ограничување на пловидбата низ Ормускиот теснец.
Околу една петтина од 100-те милиони барели нафта што светот ги троши секој ден обично патуваат низ Ормускиот теснец, кој се протега по должината на дел од брегот на Иран.
По иранскиот напад врз индустриската зона Рас Лафан во Катар, во која се наоѓа и најголемиот погон за преработка на течен природен гас (LPG) во светот, QatarEnergy објави дека околу 17 проценти од нивниот извозен капацитет ќе бидат засегнати.
Катарскиот премиер, Мохамед бин Абдурахман Ал-Тани, предупреди дека нападот ќе има „значајни последици за глобалното снабдување со енергија“ и го нарече „многу опасна ескалација“.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, рече дека Иран нема да покаже „никаква воздржаност“ доколку неговата инфраструктура повторно биде нападната.












