Муцунски на средба со Кос: Владата останува целосно ангажирана во исполнување на реформите

Макфакс

23/03/2026

16:48

127

Големина на фонт

а а а

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во рамки на работната посета на Брисел оствари средба со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.

„На средбата стана збор за текот на пристапниот процес, реформската агенда на државата, како и за имплементацијата на Планот за раст. Поздравувајќи ја конструктивната и отворена соработка со Европската комисија и нејзините служби, министерот Муцунски нагласи дека Владата останува целосно ангажирана во остварувањето напредок во интегративниот процес и целосно мобилизирана во исполнувањето на ЕУ реформите и преземените обврски во рамки на Реформската агенда“, соопштија од Министерството.

Во таа насока, бил поздравен и напредокот во повеќе иницијативи што носат конкретни придобивки за граѓаните и економијата, како пристапувањето кон Единствената европска платежна област (СЕПА) и активностите за усогласување со роаминг правилата на ЕУ.

Во разговорот биле отворени и повеќе други актуелни прашања од делот на секторската соработка со Унијата, со фокус на економската интеграција и поврзаноста.

Претходно во текот на денот, министерот Муцунски одржа брифинг со претставниците на земјите членки во Работната група за проширување при Советот на Европската Унија (КОЕЛА), на кој ја реафирмираше посветеноста на Владата кон европскиот пат, со фокус на испорачување конкретни реформски резултати за подобрување на животот на граѓаните и натамошно усогласување со стандардите на ЕУ. Муцунски направи пресек на тековните активности што Владата ги презема за забрзување на интегративниот процес, нагласувајќи ја неопходноста од јасен, предвидлив и на заслуги заснован пристапен процес, како заеднички интерес и за земјите кандидати и за земјите членки.