[ВИДЕО] Цените на горивата остануваат стабилни – обезбеден дополнителен попуст за дизел, вели Божиновска

Макфакс

24/03/2026

11:35

619

Големина на фонт

а а а

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека преземените мерки од страна на Владата, во комбинација со конкретни чекори од економските оператори, даваат резултати – цените на горивата се стабилизирани, а ценовниот притисок е значително ублажен.

Во таа насока, ОКТА ја продолжува иницијативата за попусти на горивата и по првично предвидениот рок на крајот на март, при што мерката ќе трае до 6 април. Како дел од ова продолжување, попустот за дизел се зголемува од 2 на 3 денари по литар, обезбедувајќи дополнителна поддршка за потрошувачите и придонесувајќи кон стабилизација на пазарот, велат од Министерството.

Овој чекор доаѓа како резултат на континуираната комуникација и координација помеѓу Министерството и компаниите, со јасна цел – дел од олеснувањата да се пренесат директно кон граѓаните и стопанството. Ова претставува потврда дека активната улога на државата дава резултати и дека преку партнерство со компаниите може да се обезбедат конкретни придобивки за граѓаните и стопанството.

Истовремено, клучна улога во стабилизирањето на цените има и владината мерка за намалување на ДДВ за горивата од 18% на 10%, која обезбеди директно намалување на цените за 6 до 7 денари по литар и спречи дополнителен ценовен шок, соопшти Министерството.

Со оваа комбинирана интервенција:

· спречен е значителен раст на цените на горивата

· обезбедена е стабилност на пазарот

· заштитен е животниот стандард на граѓаните

· намален е притисокот врз транспортот и економијата

„Спречивме ценовен шок, ја стабилизиравме цената и обезбедивме конкретно намалување за граѓаните“, истакна министерката Сања Божиновска.

Министерството нагласува дека одговорноста во вакви услови е заедничка и дека позитивниот пример со зголемениот попуст за дизел треба да биде следен и од останатите учесници на пазарот, со цел бенефитите целосно да се рефлектираат во малопродажните цени.

Паралелно, снабдувањето со горива се одвива непречено, државните резерви се стабилни, а сите надлежни институции се во постојана координација и вршат засилени контроли на пазарот.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува целосно посветено на следење на состојбите и, доколку е потребно, подготвено е да реагира со дополнителни мерки, со единствен приоритет – стабилен пазар и заштита на граѓаните и економијата, се вели во соопштението.