Јавно тврдеше дека имала кратка афера со фудбалската ѕвезда Кристијано Роналдо, кој во тоа време беше во врска со манекенката Ирина Шајк.
Кога чилеанската манекенка и поранешна плејбој зајачица Даниела Чавез објави дека има намера да го купи прволигашкиот фудбалски клуб О’Хигинс, многумина беа скептични. Целта беше да се соберат 20 милиони долари, а нејзината алатка за тоа беше профил на платформата „OnlyFans“. На општо изненадување, за само неколку недели објави дека заработила повеќе од осум милиони долари, со што ги замолкна критичарите и привлече внимание од светските медиуми. Нејзината мотивација беше длабоко лична.
„Јас сум од Ранкагуа, навивач сум, а на О’Хигинс веќе долго време не му оди добро. Верувам дека со мојот менаџерски тим можеме да ги направиме работите подобро, да вратиме победнички тим во Ранкагуа. Не да играме само за да учествуваме. Сакам победничка екипа која се бори за сè“, изјави таа.

Кога нејзиниот омилен тим неодамна одигра 3:3 против клубот Унион Ла Калера, таа беше меѓу најгласните што го изразија своето незадоволство преку социјалните мрежи:
„Нема повеќе да се соблекувам додека тренерот Лукас Боваглио не си замине од О’Хигинс. Овој тренер ми ја уби и желбата за љубов … или ќе сфати, или нека си оди“, напиша во објава што веднаш стана вирална.

Дополнително ја подигна тензијата пред натпреварот од Копа Судамерикана против колумбискиот тим Милионариос, најавувајќи необичен облог:
„Веќе се обложувам за првиот меч, О’Хигинс – Милионариос. Ако тие победат, ќе го отворам мојот „OnlyFans“ за Колумбија. Но ако ние победиме – што добивам јас? – провокативно праша, потсетувајќи ја јавноста дека на споменатата платформа продава експлицитни фотографии.

Родена во Лас Кондес, Чавез дипломирала деловна комуникација, но нејзината страст ја одвела во светот на моделингот. Првиот голем медиумски пробив го доживеа откако го освои третото место на изборот за убавина „Кралица Виња дел Мар“. Наместо тивко да го прифати поразот, својот револт го изрази на социјалните мрежи, објавувајќи провокативни фотографии како знак на протест. Наскоро следеше и првиот голем успех – на 24 години започна соработка со „Playboy“, а во декември 2014 беше прогласена за „Божиќна девојка на месецот“ за мексиканското издание на списанието.
Паралелно со кариерата на модел, Чавез го градеше своето присуство на „Instagram“. Свесна за моќта на социјалните мрежи, платформата ја искористи за споделување провокативни и полуголи фотографии, но и содржини што го прикажуваат нејзиниот раскошен животен стил. Денес ја следат повеќе од 19 милиони луѓе, што ја прави една од највлијателните личности во Чиле. Нејзината популарност не остана незабележана, па следуваа бројни соработки со модни и козметички брендови. Својата претприемачка страна ја покажа и со лансирање на сопствена линија додатоци во исхраната за спортисти под името „Dacha Fit“.

Сепак, стратешкиот премин на платформата „OnlyFans“ означи пресвртница во нејзината кариера. Таа препозна дека оваа платформа, позната по содржина за возрасни, ѝ нуди уникатен простор за поинтимно изразување и, што е најважно, целосна контрола врз содржината и заработката. Токму „OnlyFans“ стана алатката со која реши да го финансира својот сон – купување фудбалски клуб.
Сепак, нејзиниот пат кон преземање на О’Хигинс не беше без пречки. Откако јавно ги објави своите намери, медиумите пренесоа изјава од извор во сопственичката структура на клубот кој тврдеше дека „не постои опција да седнат на маса и да разговараат со неа“.

Чавез веднаш реагираше, обвинувајќи ги сопствениците за дискриминација. Тврди дека ѝ ги затвораат вратите затоа што е „жена, плејбој зајачица и поради начинот на кој собира пари“. Соочен со притисокот од јавноста, клубот набрзо издаде официјално соопштение во кое ваквите наводи ги нарече „неточни“. Објаснија дека се отворени за нови инвеститори, но дека понудите мора да се презентираат „формално“, а не преку социјалните мрежи, и нагласија дека не дискриминираат никого врз основа на потекло, раса или социјален статус. Чавез го прифати нивното објаснување и порача дека ќе продолжи со собирање средства и дека „кога ќе го собере целиот износ, ќе седне и ќе разговара за понудата“.
Иако е многу отворена кога станува збор за кариерата, Даниела Чавез својот приватен живот главно го држи подалеку од очите на јавноста. Познато е дека во февруари 2022 се омажила за Ариел Гутиерез, со кого наводно е во врска повеќе од 15 години, но деталите за нивниот брак остануваат тајна. Сепак, една епизода од нејзиното минато со години ги полнеше медиумските страници. Имено, во 2014 година јавно тврдеше дека имала кратка афера со фудбалската ѕвезда Кристијано Роналдо, кој во тоа време беше во врска со манекенката Ирина Шајк. Според нејзините зборови, се запознале во ноември истата година и веднаш почувствувале поврзаност. Таа тврдеше дека Роналдо сакал афера со неа, но дека таа „само сакала да ја исполни својата фантазија и да спие со него“. Роналдо никогаш не ги потврди овие наводи, а таа подоцна ги избриша сите објави поврзани со него од своите профили.













