Некои заедници што живеат на големи надморски височини на Андите во северна Аргентина со илјадници години пиеле вода загадена со арсен во количини кои за повеќето луѓе би биле смртоносни.
Но, наместо да подлегнат на отровот, овие популации се прилагодиле и развиле единствена отпорност, покажале научни студии објавени во списанијата „Molecular Biology and Evolution и Chemosphere“, пишува „Vice“.
Што е арсен и зошто е опасен?
Арсенот е природен хемиски елемент кој може да се најде во почвата, водата и воздухот, а во поголеми количини е исклучително отровен за луѓето. Во водата за пиење најчесто се појавува поради природни геолошки процеси, особено во подрачја богати со минерали.

Долготрајната изложеност на арсен се поврзува со низа сериозни здравствени проблеми, вклучувајќи рак, кожни заболувања, оштетувања на нервниот систем, како и нарушувања во развојот. Светската здравствена организација пропишува многу ниски дозволени нивоа на арсен во водата за пиење токму поради неговите токсични ефекти.
Во поголеми концентрации, арсенот може да биде смртоносен, но во пониски дози неговата опасност лежи во постепеното натрупување во организмот и долгорочните последици врз здравјето.
Живот покрај вода полна со арсен

Во места како Сан Антонио де лос Кобрес, подземните води историски содржеле концентрации на арсен и до 20 пати повисоки од границата што Светската здравствена организација ја смета за безбедна. И покрај тоа, луѓето во тој регион живеат веќе 11.000 години. Тоа било и повеќе од доволно време еволуцијата низ генерации да доведе до мали, но клучни генетски промени што овозможиле преживување.
Клучот е во еден ген
Научниците што го проучувале ова население идентификувале варијации во близина на генот AS3MT, кој има клучна улога во начинот на кој телото го преработува арсенот. Во нормални околности, метаболизмот на арсенот создава токсичен нуспроизвод пред телото да го претвори во форма што може да ја излачи.

Жителите на овој регион, меѓутоа, произведуваат помалку од таа штетна супстанција, а повеќе од нејзината безопасна форма што полесно се исфрла од организмот. Изложеноста на арсен инаку се поврзува со рак, проблеми во развојот и смрт, но со намаленото натрупување на неговата најотровна форма во телото се намалува и ризикот од оштетување на организмот, дури и при изложеност на високи концентрации.
Еволуцијата на дело
За да ја потврдат оваа адаптација, научниците ги споредиле примероците на ДНК од аргентинското население со оние од соседните региони во Перу и Колумбија. Заштитните варијации на генот биле значително почести кај заедниците што живеат во подрачја со високо ниво на арсен.
Природната селекција им дала предност на поединците што подобро го поднесувале отровот. Преживеаните со текот на времето развиле уште посилна отпорност на нешто што, во тие концентрации, инаку би ги усмртило. Сето ова е доказ дека човечката еволуција не е апстрактен и завршен процес.

Еволуираме на опипливи и мерливи начини, како директен одговор на средината во која живееме. Нивото на арсен на кое се изложени овие заедници би го усмртило мнозинството луѓе на Земјата. Но, по илјадници години изложеност, барем еден мал дел од човештвото развил начин да склучи своевидно „генетско примирје“ со смртоносниот отров.















