Еден месец на планина, бесплатно сместување и 400 евра џепарлак – сè за науката: Ова се деталите за необичниот ангажман

Точка

26/03/2026

17:30

333

Големина на фонт

а а а

Италијански научници започнуваат необично истражување и бараат волонтери подготвени да поминат речиси цел месец на височина од повеќе од 2.300 метри.

Студијата има за цел да истражи како човечкото тело реагира и се приспособува на планински услови, а учесниците ќе добијат бесплатно сместување, храна и паричен надомест од 400 евра.

Програмата е поделена во неколку фази

Програмата ќе трае околу пет недели, од средината на август до почетокот на октомври и ќе биде поделена во неколку фази, пренесе „Click“.

Првата недела ќе се одржи на пониска надморска височина, во местото Силандро, каде што волонтерите ќе поминат основни медицински прегледи и анализи.

Потоа следуваат четири недели во планинско засолниште на Алпите, на височина поголема од 2.300 метри, по што учесниците ќе се вратат во Болцано за завршни медицински проверки.


Истражувачите ќе следат низа здравствени показатели, вклучувајќи ја работата на нервниот систем, функцијата на крвните садови, квалитетот на сонот, метаболизмот и физичката издржливост.

Значење за медицината, спортот и рекреацијата

Во слободното време, учесниците ќе можат да работат од далечина, да учат или едноставно да уживаат во планинскиот пејзаж.

Покрај тоа, од нив се очекува да ја одржуваат вообичаената физичка активност и да останат во просторот предвиден за студијата.

Научниците истакнуваат дека резултатите од истражувањето ќе помогнат подобро да се разбере како човечкото тело се приспособува на услови на височина, што може да има значење и во медицината и во спортот и во рекреацијата.