[ФОТО] Најдобра фотографија од дивиот свет: Рис што си игра со пленот – моментот што ја освоил публиката

Точка

26/03/2026

14:42

687

Големина на фонт

а а а

Фотографија од ибериски рис што си игра со пленот ја освои престижната награда од публиката „Wildlife Photographer of the Year“ за 2026 година.

Стоејќи на задните нозе, со една шепа испружена во воздухот, рисот делува истовремено разиграно и грабливо, додека си поигрува со несреќниот глодач пред да го убие и изеде, пишува Си-ен-ен.

Повеќе од 85.000 луѓе гласале на годишниот натпревар што го организира лондонскиот Природонаучен музеј, избирајќи меѓу 24 фотографии во потесниот избор. Тој избор бил направен од вкупно 60.636 пријави и е одвоен од главниот натпревар, чиј победник беше објавен во октомври.


Победничката фотографија ја снимил австрискиот фотограф Јозеф Штефан, кој го забележал моментот откако три дена поминал маскиран во засолниште во Торе де Хуан Абад, во централна Шпанија.

Во тој период, рисот „повремено кратко се појавуваше“, изјавил Штефан за Си-ен-ен.

„Вториот ден, овој посебен момент се случи сосема неочекувано – одеднаш се појави со штотуку уловен стаорец во устата, легна во моја близина и извесно време остана внимателен“, додал тој.

Набргу потоа, рисот почнал да си игра со пленот.


„Повеќепати го фрлаше стаорецот во воздух, вешто го фаќаше и си поигруваше со него околу 15 до 20 минути. На крајот го изгуби интересот, го зграпчи стаорецот и исчезна зад грмушките, каде што го изеде. Околу 20 минути подоцна повторно се појави: смирен, речиси горд, помина покрај моето засолниште и потоа исчезна во грмушките“, раскажал Штефан.

Ибериските рисови, препознатливи по специфичното крзно на ушите и пегавото црвенкасто-кафеаво крзно, некогаш биле меѓу најзагрозените цицачи во светот, по години лов од страна на луѓето, кои погрешно верувале дека убиваат добиток, како и поради исчезнувањето на нивното живеалиште. Тогаш било „практично невозможно“ да се фотографираат, се присетил Штефан.

Почетокот на 2000-тите во Шпанија ги имало околу 100, според податоците на истражувачката Натали Купер од Природонаучниот музеј. „Од нив, само 62 биле возрасни единки“, се наведува во соопштението на музејот.


Интензивните напори за заштита потоа ја зголемиле бројноста на видот на околу 648 возрасни единки до 2022 година, според Црвената листа на загрозени видови на „IUCN“.

Како што рекол Штефан иако и понатаму се ретки, нивното присуство сега повторно делува „реално“.

„Со трпение, познавање на нивните живеалишта и малку среќа, овие фасцинантни животни повторно може да се набљудуваат – а понекогаш дури и да се фотографираат“, додал тој.

„Затоа, рисот не е само ретка тема, туку и силен симбол за тоа колку зачувувањето на природата може да биде ефикасно“.




Уште четири фотографии биле прогласени за второпласирани. Меѓу нив се сцени од јато фламинга во вода, врамени со далноводи, со розов отсјај од зајдисонцето; две мечиња што си играат иако им се приближува автомобил; сика елен што носи отсечена глава од ривал набодена на роговите; и три младенчиња од поларна мечка што одмораат, свиткани покрај мајка си.