Пропаднат музичар заработил повеќе од осум милиони долари од песни што никој не ги слушал

Точка

26/03/2026

15:15

532

Големина на фонт

а а а

Изрекувањето на пресудата е закажано за 29 јули, а овој случај сигурно ќе остане забележан како пресвртница во дигиталната ера на музиката.

Мајкл Смит од Северна Каролина пред неколку дена призна вина во првиот кривичен процес во САД за измама на стриминг сервиси потпомогната со вештачка интелигенција.

Неговата лукава шема, која вклучувала стотици илјади AI песни и армија од ботови, му донела повеќе од осум милиони долари нелегална заработка, а случајот постави преседан во борбата против злоупотребата на новите технологии во музичката индустрија.


Шема што го измами системот

Според судските документи и изјавите во судот, Смит осмислил и со години спроведувал софистицирана операција. Користејќи софтвер за генерирање музика, создал огромен каталог од стотици илјади песни.

Тие песни, често со бизарни, случајно генерирани имиња како „Zygophyceae“ и припишани на измислени изведувачи како „Calm Force“, потоа ги поставувал на најголемите стриминг платформи, вклучувајќи „Spotify“, „Apple Music“ и „Amazon Music“.

Клучниот дел од измамата била армијата од ботови. Имено, Смит создал илјадници лажни кориснички профили и користел софтвер со кој тие профили постојано ги репродуцирале неговите песни.

За да избегне откривање, операцијата ја распоредил на огромен број песни, наместо да се фокусира на неколку „хитови“.

Така, во еден момент неговата мрежа на ботови генерирала повеќе од 660 илјади стримови дневно, што му носело годишна заработка поголема од 1,2 милиони долари.

„Иако песните и слушателите беа лажни, милионите долари што Смит ги украде беа вистински“, изјави, меѓу другото, американскиот обвинител Џеј Клејтон.


Приказна што започна со неуспех

Приказната за измамата на Смит започнала, иронично, со неуспех во вистинскиот музички свет.

Како што пренесе списанието „Wired“, Смит и неговиот партнер Џонатан Хеј во 2018 година објавиле џез албум кој, на изненадување на Хеј, преку ноќ се искачил на врвот на „Billboard“ листата.

Но, исто толку брзо и исчезнал од неа, без никаква реакција во јавноста или кај слушателите. Поради тоа Хеј станал сомничав, па по конфликт со Смит добил признание дека ангажирал луѓе „од далечни земји“ за да го зголемат бројот на стримови.


Врв на ледениот брег

Случајот на Смит откри сериозна закана со која се соочува музичката индустрија. Колективот за механичко лиценцирање („The MLC“), непрофитна организација која собира и распределува авторски надоместоци, одигра клучна улога во откривањето на измамата. Тие и претходно изразиле сомнеж во каталогот на Смит поради неверојатно големиот број песни.

Експертите предупредуваат дека измамите со стриминг се проблем вреден стотици милиони, ако не и милијарди долари годишно, а вештачката интелигенција само го „засилила“ проблемот.

Платформи како „Spotify“ и „Apple Music“ вложуваат сè повеќе средства во борба против лажните стримови, но измамниците постојано наоѓаат нови начини да ги заобиколат заштитите.

Интересно е што „Spotify“ тврди дека нивните системи ги детектирале активностите на Смит и ја ограничиле неговата заработка од нивната платформа на околу 60.000 долари.

Откако првично во септември 2024 година беше обвинет за дела со максимална казна до 60 години затвор, Смит со спогодба призна вина за една точка од обвинението – здружување за извршување електронска измама.

Сега му се заканува максимална казна од пет години затвор. Покрај тоа, се согласи на одземање на имотна корист во износ поголем од осум милиони долари.

Изрекувањето на пресудата е закажано за 29 јули, а овој случај сигурно ќе остане запаметен како пресвртница во дигиталната ера на музиката.