Бразил се соочи со реалноста на првиот натпревар кој го одигра против силен европски ривал и загуби во САД од репрезентацијата на Франција, но овој контролен меч во Масачусетс донесе и лоши вести за Ханси Флик и фановите на Барса.
Поразот од 2:1 кажува многу за репрезентацијата која речиси цело второ полувреме го играше со играч повеќе на теренот, но во оваа фаза од сезоната, многу полоша е веста која ја потврди Карло Анчелоти по крајот на средбата.
Бразилскиот селектор откри дека Рафиња се пожалил на мускулни проблеми и затоа бил повлечен од игра, па пред да се врати во Барселона, ќе подлегне и на детални медицински прегледи.
– Рафиња играше многу добро, но при крајот на првиот дел почувствува проблем и моравме да го извадиме од игра. Почувствува непријатност во мускулот и сега ќе мора да подлегне на тестови.
– И покрај поразот, останувам задоволен од прикажаното. Тимот се натпреваруваше и создаде добри акции. Може да бидеме делумно задоволно од тоа што го прикажавме, иако си заминуваме разочарани поради резултатот, – изјави Анчелоти.








