На аукција е „Volkswagen Golf“ „кец“, стар 43 години со само 36 изминати километри

Точка

28/03/2026

11:21

844

Големина на фонт

а а а

Редок примерок од „Golf 1.5 GL“ од 1983 година, со само 36 километри на бројачот и статус на музејски експонат, е претставен како веројатно последниот произведен примерок во Брисел.

На јавната аукција на платформата „The Collectables“ се појави исклучително редок автомобилски бисер – „Volkswagen Golf 1.5 GL“ со пет врати од 1983 година. Она што овој конкретен примерок го издвојува од кој било друг преживеан модел од првата генерација е податокот дека на бројачот има запишано само – 36 километри. Автомобилот е дел од уникатна колекција од поранешната фабрика на „Audi“ во Брисел, која беше затворена пред неколку години, а колекцијата дури минатата година е префрлена во Холандија.


Состојба – како нов

Според податоците од фабриката, се верува дека ова е веројатно последниот произведен „Golf“ „единица“ во бриселскиот погон. Возилото доаѓа во препознатливата боја „Diamond Silver Metallic“ и е опремено со 1.5-литарски мотор со 70 коњски сили. Иако станува збор за модел со пет врати кој тежи само 800 килограми, автомобилот го задржал својот оригинален, минималистички карактер – внатрешноста нема радио ниту потпирачи за глава, што дополнително ја нагласува неговата автентичност од раните осумдесетти години.

Иако му недостигаат некои елементи на комфор, овој „Golf“ се издвојува по вградениот бројач на вртежи, познатиот „4+E“ менувач и алуминиумските бандажи со екстра широки гуми „Goodyear“. Со оглед на минималната километража, возилото е во фабричка состојба, целосно оригинално и со целосно проверлива историја, што го прави еден од најпосакуваните примероци за сериозни колекционери.


Сè уште не е продаден

Сепак, продавачот нагласува дека потенцијалните купувачи мора да бидат свесни за специфичните услови на продажба. Бидејќи автомобилот стоел повеќе од четири децении, ќе бидат потребни технички зафати за повторно да се доведе во возна состојба – па се смета дека првенствено е наменет за изложување и има карактер на музејски експонат. Според условите на аукцијата, новиот сопственик мора да се обврзе дека автомобилот нема да го користи во јавен сообраќај ниту ќе го расклопува.

Првиот круг од аукцијата заврши на 24 март без понуди, а почетната цена изнесуваше 25.500 евра. За еден од најсочуваните и најинтересните примероци од првата генерација на „Golf“, среќниот колекционер би можел наскоро да плати и нешто помалку од таа сума.